Skip to main content

Изложба „Исцелување на животот“ на Томе Мишев во галеријата „Метаноја“

Галерија Метаноја / Оплакување, акрил на платно

В среда, на 8 април во галеријата „Метаноја“ ќе биде отворена изложбата „Исцелување на животот“ од 19:00 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје.

За изложбата д-р Коста Милков вели, „Сликите на Мишев држат рамнотежа меѓу мачнината и убавината на постоењето, меѓу егоизмот и алтруизмот, меѓу ризикот и љубовта, меѓу стравот и надежта. Човечките фигури се најчесто поставени централно, а сцените околу нив се раздвижени во дејство, во драма и во неизвесност. Гледајќи во која било слика од опусот на Мишев не може да не си го поставиме прашањето дали гледаме во нешто сакрално кое повикува на светост, нешто онирично кое нѐ воведува во светот на соништата, нешто трагично кое нѐ поттикнува на интроспекција, или нешто жизнерадосно со кое сите претходни состојби ни стануваат полесни? Веројатно од сѐ по малку и сите заедно. Сликите на Томе Мишев сведочат за копнежот на човештвото за исцелување на животот.“

Томе Мишев е Роден 1958 година во Струмица. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. ( ДЛУМ). Неговото творештво е презентирано низ бројни самостојни изложби, групни изложби како и ликовни колонии во земјата и странство.

Во 2001 година ги добил наградите за сликарство “Димитар Пандилов“ (ДЛУМ) и „Методија Ивановски – Менде (КИЦ). Во 2006 ја добила наградата за сликарство „Лазар Личеноски„ (ДЛУМ). Во 2010 Советот на град Неготино му ја доделил наградата „ 8ми Ноември“ за придонес во областа на културата.

Поврзани вести