
Ракометарите на ГРК Охрид со победа од пет разлика (31:26) се вратија од гостувањето од Атина од првиот четвртфинален дуел од ЕХФ Европскиот куп против Олимпијакос. Реваншот охриѓани ќе го играат пред полни трибини на домашен терен.
Спортскиот директор на ГРК Охрид Славчо Ристески се обрати до јавноста за фер и коректно навивање и поддршка за домашните ракометари.
Почитувани охриѓани, симпатизери, навивачи и љубители на ракометот!
ГРК Охрид за градот од коло во коло на Европската сцена пишува историја! Одигравме одличен натпревар во Атина и се вративме како победници. Но, имаме уште 60 минути на домашен терен.
Бевме одлично примени од екипата на Олимпијакос и натпреварот помина во одлична ракометна атмосфера. Ја повикувам публиката, симпатизерите и навивачите во сабота да бидат 8-от играч на ГРК Охрид и ветер во грб на нашите гладијатори. Ве молам со фер и коректно навивање и поддршка за нашите момци да му помогнете на клубот. Транспарентите во преполната сала Билјанини извори да бидат исклучиво за поддршка на нашиот клуб и Македонија, да ја оставиме политиката настрана и да му помогнеме на нашиот град да испишува историја!
Реванш натпреварот ГРК Охрид – Олимпијакос се игра во сабота (4.април) со почеток во 18 часот. Натпреварот ќе се игра без гостински навивачи.

Македонски



