Skip to main content

Американските командоси пристигнаа на Блискиот Исток

Неколку стотици американски командоси за специјални операции пристигнаа на Блискиот Исток, придружувајќи им се на илјадниците маринци и армиските падобранци, изјавија двајца американски воени претставници.

Функционерите, зборувајќи под услов да останат анонимни, изјавија за „Њујорк тајмс“ дека пристигнувањето на специјално обучените единици има за цел да му даде на американскиот претседател Доналд Трамп дополнителни опции за проширување на едномесечната војна со Иран.

На командосите, меѓу кои се „ренџерите“ и „морнаричките фоки“, сè уште не им се доделени специфични мисии, но како специјализирани копнени трупи, тие би можеле да бидат распоредени за да помогнат во заштитата на Ормускиот Теснец, кој Иран го затвори, или би можеле да учествуваат во мисија за обид за заземање на островот Харг кој е ирански нафтен центар во северниот дел на Персискиот Залив, рекоа претставниците.

Меѓу потенцијалните мисии во кои би можеле да учествуваат специјалните американски трупи е и отстранувањето на иранскиот високо збогатен ураниум од нуклеарниот објект Исфахан.

Како што наведуваат медиумите на американските командоси им се придружуваат дополнително уште 2.500 маринци и 2.500 морнари кои неодамна пристигнаа во регионот. Моментално на Блискиот Исток има повеќе од 50.000 американски војници, околу 10.000 повеќе од вообичаеното, наведува угледниот американски весник.

Поврзани вести