Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека не верува дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп би се обидел насилно да го заземе Гренланд.
Немаме причина да веруваме дека тоа ќе се случи, изјави данската премиерка.
Фредериксен рече дека се обидува да воспостави разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за неговите изјави за преземање контрола врз Гренланд.
Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните, рече Фредериксен, додавајќи дека Данска е отворена за дискусии за американските интереси на Арктикот.
Претходно, Фредериксен се сретна со лидерите на политичките партии во данскиот Парламент, вклучително и со двајцата претставници од Гренланд, за да ги информира за начинот на кој владата се справува со настаните.
Ние предложивме разговор меѓу нас. Мислам дека ништо конкретно нема да се случи додека не се именува новоизбраниот претседател, рече Фредериксен.
Трамп, чија инаугурација е закажана за 20 јануари, повторно го покрена ова контроверзно прашање на неговата платформа „Truth Social“.
Гренланд е неверојатно место и луѓето ќе имаат огромна корист ако и кога ќе стане дел од нашата нација. Ќе ја заштитиме од многу лошиот надворешен свет. Да го направиме Гренланд повторно голем“, напиша Трамп.
Шефот на данската дипломатија Ларс Локе Расмусен пред два дена изјави дека островот нема амбиции да стане сојузна држава во рамките на САД.
Не знам дали сме во надворешнополитичка криза. Сосема е легитимно американската страна да биде загрижена, а за тоа мора да биде свесно и Кралството Данска, рече Расмусен.