
Живееме во време на длабоки и брзи глобални промени. Време во кое економските текови, финансиските пазари и безбедносните предизвици се испреплетуваат повеќе од кога било досега. Во таков свет, улогата на централното банкарство станува уште поважна – не само како чувар на ценовната стабилност, туку и како столб на довербата, стабилноста и економската отпорност, рече денеска премиерот Мицкоски.
Централните банки денес не делуваат во изолирани услови. Тие функционираат во средина која е под силно влијание на глобалните шокови – од инфлаторни притисоци и прекини во синџирите на снабдување, до геополитички тензии и енергетски неизвесности. Во вакви околности, стабилноста не е дадена – таа е резултат на внимателно водени политики, координација и одлучност.
Воениот конфликт на Блискиот Исток дополнително ги продлабочи овие предизвици. Сведоци сме на значителни нарушувања на пазарите на енергенси, раст на цените на нафтата и гасот, како и зголемена неизвесност која директно се прелева врз глобалната економија. Овие притисоци не остануваат далеку од нашите граници – тие влијаат врз инфлацијата, врз трошоците за производство, врз животниот стандард на граѓаните.
Во ваква средина, централните банки имаат двојна одговорност. Прво, да ја одржат ценовната стабилност и да ги амортизираат инфлаторните шокови. И второ, да ја зачуваат финансиската стабилност, обезбедувајќи ликвидност и сигурност во банкарскиот систем. Тоа бара внимателен баланс – помеѓу рестриктивни мерки за контрола на инфлацијата и поддршка на економската активност.
Но, стабилноста сама по себе не е доволна. Во време на трансформации, потребна е и храброст за иновации. Дигитализацијата на финансискиот сектор, развојот на финтек решенија, модернизацијата на платежните системи – сето тоа отвора нови можности за побрз, поефикасен и поинклузивен финансиски систем. Централните банки се веќе активни актери во оваа трансформација, создавајќи рамки кои ги поттикнуваат иновациите, но истовремено ја штитат стабилноста.
Како држава активно го следи овој пат. Градиме стабилен и отпорен финансиски систем, усогласен со европските стандарди. Нашата политика е јасна – силни институции, транспарентност и одговорност. Во соработка со Народната банка и со сите релевантни институции, работиме на унапредување на регулаторната рамка, зајакнување на надзорот и поддршка на дигиталната трансформација.
Во исто време, Владата реагираше навремено и одлучно за да ги ублажи директните удари врз граѓаните и економијата. Донесовме мерка за намалување на ДДВ-то за бензините и нафтата, со што директно се влијае на намалување на ценовниот притисок врз домаќинствата и стопанството.Денеска имаме редовна владина седница и ќе разгледуваме и други мерки коишто мислиме дека ќе бидат корисни во таа насока. Иако и покрај овие ценовни шокови морам да признаам дека имаме убедливо најниска цена на бензините и на дизел горивото во регионот, што создава дополнително еден притисок од страна на соседите, односно на граѓаните од соседните држави и можеме да забележиме дека за повеќе од 10% е зголемен конзумот на бензин и дизел гориво на нашите бензински пумпи, но и покрај тоа стабилното снабдување за граѓаните и стопанството стана наш приоритет и во овој момент тука нема никакви негативни очекувања, туку напротив останува стабилно да обезбедиме доволно количини и за нашите граѓани, но истовремено доколку и граѓаните од соседните држави ценат тоа ќе придонесе во подобрување на нивниот животен стандард ние како држава стоиме на располагање.
Ова е пример за координиран пристап – каде што монетарната и фискалната политика се надополнуваат, а институциите делуваат синхронизирано во интерес на граѓаните.
Отпорноста, пак, е клучниот збор за нашето време. Отпорност значи способност да се издржат шоковите, но и да се излезе посилен од нив. Тоа значи диверзификација на економијата, стабилни јавни финансии и доверба во институциите. Централните банки се во срцето на оваа отпорност. Гувернерите мора да го почитуваат законот и да се дел од движечката сила.
Денес, повеќе од кога било, ни е потребна координација – меѓу централните банки, владите и меѓународните партнери. Глобалните предизвици бараат заеднички одговори. Само преку соработка можеме да изградиме систем кој ќе биде стабилен, иновативен и подготвен за иднината.
Дозволете ми да завршам со една мисла: стабилноста е темел, иновацијата е двигател, а отпорноста е гаранција за иднината. Ако ги споиме овие три столба, ќе изградиме економија која не само што ќе се справува со предизвиците, туку ќе ги претвора во можности.
Времето во кое живееме не е лесно, но е време на одлуки. Често пати знам да кажам ако било лесно немало да сме ние.Време на визија. Време во кое ги поставуваме темелите на утрешната стабилност.

Македонски



