
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека официјално е отворен нов шелтер-центар наменет за заштита и поддршка на жртви на семејно насилство. Со потпишување договор, стан во сопственост на Градот е отстапен на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“, со што се обезбедува дополнителен сигурен простор за згрижување и долгорочна помош.
Центарот ќе нуди заштита, психолошко советување, правна помош и социјална поддршка, со цел жртвите да добијат безбедно засолниште и можност за нов почеток во животот. Од безбедносни причини, точната локација на објектот не се открива јавно.
Оваа иницијатива е дел од континуираната заложба на Град Скопје за градење безбедна, солидарна и инклузивна заедница, како и за зајакнување на соработката со граѓанскиот сектор во борбата против семејното насилство. Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека градот ќе продолжи да обезбедува ресурси и партнерства за да се зголеми капацитетот за заштита на најранливите категории граѓани.
„Секоја жена, секое дете што страда од насилство во домот заслужува безбеден простор и поддршка. Овој шелтер е уште еден чекор кон тоа да го направиме Скопје град каде насилството нема место“, порача Ѓорѓиевски.
Националната мрежа „Глас против насилство“ изрази благодарност за соработката и потенцира дека новиот центар ќе придонесе за зголемување на капацитетите за итна и долгорочна помош на жртвите во главниот град.

Македонски


