Skip to main content

Промовирана публикацијата „Историја на жените во Македонија кон крајот на XIX и во првата половина на XX век“ : Чекор кон надминување на невидливоста на жените во историските наративи

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Центарот за истражување на национализмот и културатата – ЦИНИК, и Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. денес во Европска куќа – Скопје ја промовираа публикацијата „Историја на жените во Македонија кон крајот на XIX и во првата половина на XX век“, историска читанка која за првпат на систематски и пристапен начин ги обработува искуствата, улогата и придонесот на жените во овој значаен историски период.

Иако жените учествувале во клучни општествени процеси – од политички движења, образование и работнички борби, до здравствена и социјална заштита – нивната улога долго време била маргинализирана или целосно отсутна од доминантните историски наративи и наставни материјали. Токму овој недостаток на систематизирани и достапни содржини за историјата на жените претставува еден од клучните мотиви за создавање на оваа публикација.

Причините поради коишто се посветуваме на овој просторен и временски контекст на крајот на 19 и почетокот на 20 век се повеќеслојни. Токму овој период на овие простори се одвивале важни процеси и настани во кои започнало да се појавува и да се развива женското движење, а со тоа и борбата за родова рамноправност и вклучување на жените во општествените текови,“ истакна Јана Коцевска, една од авторките на публикацијата.

Публикацијата претставува педагошки материјал кој е особено значаен за образовниот систем, каде што и понатаму недостасуваат содржини што ја третираат историјата од родова перспектива. Истражувањата покажуваат дека учебниците по историја ретко ги вклучуваат жените како релевантни историски актери, што директно влијае врз начинот на кој младите го разбираат минатото и улогите во општеството.

Оваа историска читанка има за цел да ги направи видливи жените во македонската историја и да им помогне на учениците да ја разберат историјата како процес на анализа, а не само како збир на факти, развивајќи критичко размислување и способност за анализа на историските извори.“, истакна Јана Трајковска како една од авторките на публикацијата, но истовремено и наставничка по историја во основно училиште.

Во оваа читанка се обработуваат теми како што се политичкото дејствување на жените, нивната економска улога како работнички, процесите на еманципација преку образование, како и нивниот придонес во здравството, социјалната заштита и културниот живот. Притоа, авторите користат интердисциплинарен пристап и разновидни извори – архивски документи, сведоштва, фотографии, печатени материјали и усна историја – со цел да понудат подлабоко и повеќеслојно разбирање на историските процеси.

Посебен акцент беше ставен на потребата од креирање на образовни политики и наставни програми кои ќе обезбедат институционална поддршка за интегрирање на ваквите содржини во образованието и порамноправна застапеност на различните историски искуства.

Публикацијата е наменета за ученици, наставници, истражувачи и пошироката јавност и претставува важен ресурс за сите кои се заинтересирани за родовата еднаквост и историјата на жените.

Поврзани вести