
Цените на горивата се во континуиран раст, па граѓаните во паника се прашуваат не дали, туку колку тоа ќе се одрази врз цените на транспортот, храната и сите други сектори кои се директо или индиурелктно повразни со користење на нафтените деривати. Дека ќе има раст на сите цени, е неспорно, но колку ќе биде тоа, се уште не може никој со сигурност да каже, бидејќи никој не знае до кога ќе трае судирот на Блискиот Исток, а и откако ќе заврши, колку време ќе биде потребно цените да се стабилизараат. Искуството покажува дека цените лесно се качуваат, но намалувањата одат малку потешко, ако и воопшто ги има.
Факт е дека нафтата има клучна улога во економијата, особено во транспортот и производството и дека директно влијае врз подгревање на инфлацијата. Кога нејзината цена расте, се зголемуваат трошоците за превоз на стоки – од суровини до готови производи. Тоа директно влијае врз цената на храната, бидејќи земјоделските производи често се транспортираат на долги релации, а и самото производство (со трактори, машини, ѓубрива) зависи од горивата.
Кај превозот, ефектот е уште подиректен. Зголемените трошоци за гориво ги принудуваат транспортните компании и превозниците да ги покачуваат цените на услугите, за да ги покријат своите трошоци, како не би биле во загуба. Не секогаш поскапувањето на нафтата веднаш се прелева врз крајните цени. Владините мерки, конкуренцијата на пазарот и други економски фактори може привремено да го ублажат ударот. Но, ако високите цени на нафтата се задржат подолго време, речиси сигурно е дека ќе има пораст и на цените на храната и на превозот. Повеќе од сигурно е дека нафтата е еден од главните двигатели на цените, и нејзиното поскапување најчесто има систем на врзани садови, па ефектот се прелева врз секојдневните трошоци на граѓаните.
Растечките цени на горивата се причината поради која земјите од регионот веќе почнаа да применуваат различни модели за ублажување на ценовниот шок. Од намалување на акцизи до ограничнување на цени се дел од мерките кои земјите од регионот ги преземаа по растот на цените на нафтата над 100 долари за барел, додека македонските власти засега само најавуваат можни интервенции, од кои најизвесна е намалување на ДДВ-то на горивата од 18 на 10 отсто.
Стопанствениците засега не се огласуваат и изјаснуваат дали доаѓа бран поскапувања кај производите, веројатно очекувајќи првиот чекор да го направи владата, со објава на мерки за стабилизирање на пазарот.
Од Министерството за економија и труд велат дека состојбата на пазарот будно се следи и доколку е потребно ќе се превземат соодветни мерки
По последните случувања на Блискиот Исток и нивното влијание врз глобалните пазари, внимателно ја следиме состојбата со цените на основните производи и енергенсите. Свесни сме дека ваквите геополитички кризи може да предизвикаат ценовни притисоци, особено кај производи кои зависат од увоз и транспорт.
Министерството за економија и труд како и Владата е подготвена да реагира со соодветни и навремени мерки доколку се утврди неоправдан раст на цените или поголемо нарушување на пазарната стабилност. Во таа насока, се анализираат можностите за интервенции кои ќе имаат за цел заштита на животниот стандард на граѓаните, како и можност за таргетирани мерки за најранливите категории.
Наш приоритет останува обезбедување стабилно снабдување, фер пазарни услови и спречување на шпекулативни зголемувања на цените. Ќе продолжиме со координиран пристап со надлежните институции и стопанските субјекти, со цел навремено и ефикасно справување со сите предизвици.
Државниот пазарен инспекторат веќе направи над 30 контроли кај производители, дистрибутери, извозници, големи ланци маркети за да се утврди дали има зголемување на брутопрофитните маржи. Првичниот пресен на официјални податови во форма на извештај го очекуваме во текот на следната недела, а засега според информациите на терен нема значително зголемување на цените- тврдат за „Република“ од Министерството за економија и труд
Од Народната банка на Македонија претпазливи во прогнозите за влијанието на горивата врз домашната економија и инфлациските притисоци.
Податоците за инфлацијата во последните месеци укажуваат на одредена стабилизација, но неизвесноста во глобалното окружување и натаму е значајна. Геополитичките тензии, особено на Блискиот Исток, можат да влијаат врз движењата на цените на енергенсите, што е еден од клучните фактори за инфлацијата на глобално ниво.
Со оглед дека станува збор за геополитички настани чиј тек и времетраење е тешко да се предвидат, во овој момент е рано за попрецизни процени за нивното влијание врз инфлацијата во наредниот период. Како мала и отворена економија, нашата економија може да почувствува одредени ефекти, пред сè преку цените на енергенсите и преку надворешното економско окружување.
Народната банка внимателно ги следи сите случувања и редовно изработува сценарија за можните ефекти врз домашната економија, со цел навремено да се реагира доколку се појават посилни инфлациски притисоци или други ризици за макроекономската стабилност. Следува и новиот, пролетен циклус макроекономски проекции, во чии рамки ќе се направи подетална оценка на ефектите од случувањата на Блискиот Исток врз клучните сегменти во економијата и проекциите за следниот период – велат од НБРМ за „Република“.
И додека кај нас се уште се кршат копјата како да се справиме со растечките цени на нафтата, регионот веќе презема мерки за заштита на стандардот на граѓаните
На пример српската Влада на 13 март донесе одлука за намалување на акцизата за нафтени деривати за 20 проценти, која ќе биде привремена и ќе важи до 15 април, со можност за продолжување, ако состојбата не се стабилизира. Дополнително до 19 март во Србија е на сила забраната на српските власти за извоз на нафта и нафтени деривати.
Хрватската влада пак на 9 март воведе ограничувања на цените на горивата. Максималните малопродажни цени стапија на сила на 10 март и ќе важат две недели.
Грција на 11 март објави ограничување на маржите на профит на горивото и производите на полиците во супермаркетите во период од три месеци за да се спречат шпекулациите од зголемувањето на цените на енергијата предизвикани од војната меѓу САД и Израел против Иран. Во обид да ги спречи фирмите за трговија со гориво да имаат непотребни придобивки од зголемувањето на цените на енергијата на сметка на потрошувачите, грчката влада соопшти дека ќе воведе ограничување од 12 центи за литар над големопродажната цена на бензинот и дизелот на бензинските пумпи, додека супермаркетите ќе се соочат со казни до 5 милиони евра ако нивните маржи на профит го надминат просекот за 2025 година.
Бугарската привремена влада на 12 март подготви мерки за поддршка на домаќинствата и бизнисите поради зголемувањето на цените на горивата. Планирана е директна финансиска помош за лицата со пониски приходи, која ќе биде префрлена на нивните банкарски сметки доколку цените продолжат да растат. Дополнително бугарската Националната агенција за приходи најави дека ќе ја зајакне контролата врз бензинските пумпи за да следи дали зголемувањето на цените на горивата не е резултат на шпекулации.
Албанија најави дека ги следи пазарите на горива на големо и мало, особено цените на бензинот и дизелот на бензинските пумпи, без конкретна мерка засега, додека за разлика од нив косовската владата воведе лимит на профитните маржи на продажбата на горивата.
Автор: Александрија С. Николовска

Македонски


