Skip to main content

Ставен е под контрола пожарот на прилепската градска депонија, ќе се следи ситуацијата

Под контрола е ставен пожарот што по 14 часот, избувна на прилепската градска депонија кај Алинци. Екипите на прилепската противпожарна единица, на ЈКП „Комуналец“ и на ЈП „Водововод и канализација“ остануваат на терен за натамошно гаснење и спречување на евентуално ширење на огнот, информираат од прилепската локална самоуправа.

Пожарот на градската депонија избувна околу 14 часот. Екипите на противпожарната единица, на комуналните претпријатија, на Дирекцијата за заштита и спасување беа на терен. Со механизација и работна сила, заедно со општествено одговорните компании се гаснеше и се локализираше пожарот“, вели градоначалникот Дејан Проданоски.

По теренскиот увид, одржан е координативен состанок со Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој беа утврдени насоките за понатамошно дејаствување на сите релевантни институции.

Поради безбедно функционирање на сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола, вечерва ќе биде зголемена контролата и присуството на сообраќајната полиција. Во текот на ноќта продолжува континуирано да се следи ситуацијата, а рано наутро активностите на терен ќе продолжат со координирана акција.

Овој настан уште еднаш ја потврдува потребата од трајно и системско решение за управување со отпадот, односно изградба на регионална депонија со современи стандарди. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на обезбедување долгорочно и одржливо решение за управување со отпадот, со цел да се заштитат животната средина, здравјето на граѓаните и безбедноста на нашиот град“, вели градоначалникот Проданоски.

Ова не е прв пожар на прилепската градска депонија. Во последниве години најмалку трипати се интервенирало на гаснење на пожар на депонијата, и тоа, претежно, во овие месеци од годината.

Поврзани вести