Skip to main content

Хоџа: Иран ќе употреби секакви средства против Албанија, мора да бидеме будни

Фото: Хоџа Фејсбук

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа  коментирајќи го кибернападот што се случи од Иран врз парламентот,  оценува дека „ова треба да нè направи повнимателни, бидејќи покажува дека Иран ќе употреби какви било средства против Албанија“.

– Иранскиот режим никогаш не престана да ја напаѓа Албанија. Тоа се случи во 2022 година. Оттогаш, имаше револуција во подобрувањето на нашите капацитети, безбедноста, но нема 100 отсто безбедност во технологијата. Фактот дека успеаја да ја погодат технолошката инфраструктура на парламентот значи дека мора да бидеме многу внимателни. Мора да бидеме будни,  тоа го покажува ставот на Иран дека ќе ги употреби сите средства против Албанија, изјавил Хоџа.

Тој рече дека со проблемот е запозната и НАТО и оти земјата се чувствува безбедна.

– Го покренавме прашањето во НАТО  и во однос на зголемувањето на одбранбената подготвеност, што покажа на кое ниво е и имаме убедување и гаранција дека не сме сами, имаме и други партнери од НАТО со нас и се чувствуваме безбедно, наведе Хоџа.

Тој нагласи дека Албанија ја поддржува надворешната политика на колективна безбедност и стои рамо до рамо со САД во запирањето на нуклеарните и балистичките ракетни програми на Иран.

– Надворешната политика ја поддржува колективната безбедност и заедно со САД побаравме од Иран, запирање на нуклеарната програма и балистичките ракети. Имавме посебна чувствителност во однос на протестите во Иран по убиството на девојката која стана симбол на граѓанскиот отпор, која беше убиена едноставно затоа што не ја покри главата со шамија и тоа беше посебен момент бидејќи го поврзуваме тоа  со Албанија кога основните права беа негирани, посочил Хоџа.

Во земјите на Блискиот Исток погодени од нападите се наоѓаат повеќе од три илјади албански граѓани, но во амбасадите за да им се помогне да се вратат се јавиле само околу 200 од нив. 

Поврзани вести