Skip to main content

Во сабота култните THE YOUNG GODS во Скопје

Утре, сабота 14 март, во Младинскиот Културен Центар во Скопје ќе се одржи концертот на легендарното трио од Швајцарија, THE YOUNG GODS – пионерите на постиндустрискиот панк и електронскиот рок по 25 години се враќаат кај нас со самостоен концерт во рамки на офф-програмата на музичкиот фестивал ТАКСИРАТ!

Оваа култна појава на европската алтернативна сцена цели 40 години ги поместува границите на звучните можности. Почнаа како пионери на индустрискиот панк, кои потоа шамански си поигруваа со електронскиот звук во нивниот уникатен уметнички израз и се издигнаа на пиедесталот како артисти кои одбиваат да се повторуваат и постојано ги поместуваат границите звучните можности. The Young Gods е бенд кој со своето дело влијаел врз музичките сфаќања на бројни музички гиганти како David Bowie, U2, Trent Reznor или Nine Inch Nails.

Еволуцијата на звукот што го обликуваше идентитетот на авангардата оваа година добива ново поглавје — APPEAR DISAPPEAR, новиот, 14ти албум со кој The Young Gods ја започна обемната европска турнеја прославувајќи 40 години револуционерна музика!

Appear Disappear зборува за местото на поединецот во денешното општество. Кога се чувствуваме во склад со светот околу нас, а кога повеќе не се усогласуваме со неговите вредности? Appear Disappear исто така ја одразува и минливата природа на човечкиот живот во големата временска рамка. Оваа година се навршуваат 40 години од постоењето на нашиот бенд. The Young Gods отсекогаш имале уникатен однос со музичката индустрија: во текот на овие четири децении бендот често исчезнувал – и повторно се појавувал.“ – вели фронтменот Франц Трајхлер за носечката нумера на нивното најново издание со кое славните The Young Gods по две ипол децении повторно ќе се појават пред македонската публика.

Во оваа прилика, на скопскиот концерт како специјален гостин на The Young Gods ќе настапи и швајцарскиот оркестрален арт-поп ансамбл Tout Bleu! Овој авангарден бенд е квартет во својата суштина, кој уште од своето формирање пред речиси една деценија, постојано соработува со уметници од различни области. Нивниот кинематографски звук природно се поврзува со изведувачките уметности, филмот и современата уметност.

На оваа турнеја се актуелни со третиот албум You Are Tree, со кој Tout Bleu ни носат музика што е светлина на крајот од тунелот — музика што се фрла во прегратките на радоста, но истовремено го носи товарот на годините и емоционалните лузни собрани по патот. Во нивната утописка мисија повторно да го маѓепсаат светот, Tout Bleu посветуваат време на неопходноста, чекор по чекор, да го стивнат душевниот немир на секој што ќе го пресретнат на својот пат.

Поврзани вести