
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во изградбата на пречистителната станица во населеното место Кучевишка Бара, во Општина Чучер Сандево.
Вкупната вредност на проектот изнесува 129.717.440 денари. По увидот, премиерот даде изјава за медиумите и одговараше на новинарски прашања, меѓу кои и за актуелните движења на цените на нафтата.
„Факт е дека како држава имаме убедливо најниска цена на нафтата во регионот. Тоа од една страна е позитивно, но од друга страна, во дел од пограничните општини се создава притисок врз бензинските пумпи поради доаѓањето на граѓани од соседните земји кои точат дизел гориво кај нас. Поради зголемената побарувачка, на одредени бензински пумпи привремено може да се појави недостиг, но тој брзо се надоместува“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Државниот пазарен инспекторат континуирано е на терен и дека нема прекини во снабдувањето.
„По последното нивелирање на цените од страна на Регулаторната комисија за енергетика, дизелот кај нас изнесува 1,39 евра по литар. Во соседна Албанија цената е околу 1,8 евра, односно за приближно 30 проценти повисока. Во Србија дизелот е околу 1,73 евра, што е за околу 25 проценти поскапо од цената во Македонија. Во Косово цената варира, но достигнува до 1,52 евра по литар, што е околу 10 проценти повеќе“, посочи премиерот.
Според него, Македонија во моментов има најниска цена на дизел горивото во регионот, а слична состојба е и кај бензинот од 95 и 98 октани.
„Очекуваме одреден притисок во периодот што следи, но имаме доволни количини. Во постојана комуникација сме со дистрибутерите и со компаниите што ги снабдуваат граѓаните и економијата со нафта и нафтени деривати. Во моментов нема опасност од каков било недостаток“, дециден е премиерот Мицкоски.

Македонски

