
Екипата на Еурофарм Пелистер избори пласман во полуфиналето на Купот откако во Битола го совлада Прилеп со 30:28. Ова беше трет натпревар за битолчани во три дена и по нерешениот дуел со ПСЖ во Лигата на шампионите остварија две победи денеска против Прилеп и вчера против Струга со 44:19. Дуелот против Прилеп беше „финале“ во групата Г, откако прилепчани вчера го совладаа Драчево Јуниор со 41:34.
На денешниот дуел најефикасни во редовите на Еурофарм Пелистер беа Андреј Видомски и Петар Атанасијевиќ, кои постигнаа по 6 голови, додека Денис Шабановиќ од Прилеп постигна седум голови.
Вечерва се игра уште еден дуел од куп натпреварувањето Охрид на домашен терен игра против Тиквеш. Во вториот дуел од „охридската група“ в недела играат: МРК Куманово и Младост. Победниците во недела попладне ќе играат за пласман во полуфиналето.
Другите две групи се играат во Скопје и натпреварите се играат во сабота. Во салата Автокоманда (организатор Алкалоид), Алкалоид е домаќин на Радовиш, додека Пролет игра против Македонија Ѓорче Петров. Групата А се игра во СЦ Јане Сандански, а играат: Мулти Есенс – Еурофарм Пелистер 2 и Бутел – Вардар. Победниците на групите ќе бидат познати по одигрувањето на „завршниот натпревар“.
Четирите победници на групите ќе играат во полуфиналето или на Ф4 турнирот што е планиран да се игра на 18 и 19.април.

Македонски

