Skip to main content

Ана Костадиновска, придружен вокал на „ДНК“ сведочеше за пожарот во дискотеката „Пулс“

МИА

Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство, во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во својство на сведок исказ даде Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК и редовен професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Таа истакна дека со години работи како придружен вокал со повеќе македонски изведувачи и дека не била постојан член на ДНК, исто како и нејзината колешка и пријателка Сара Пројковски.

Во однос на техничката екипа, Костадиновска изјави дека улогата на Мартин Атанасовски била грижа за техниката. На прашањето кој ги поставувал прскалките, рече дека никогаш не видела кој ги местел во ниеден клуб, но според работата што ја извршувал Атанасовски, „може да бил тој“. На повеќекратни прашања од Обвинителството и од одбраната за тоа кој ги поставувал и кој ги активирал прскалките, сведокот остана на ставот дека не знае и не видела кој ги вклучувал, посочувајќи дека можно е тоа да го правело и техничко лице од клубот.

Костадиновска потврди дека во последните четири-пет години ДНК често настапувале во државата и дека во последните години на настапите се користеле прскалки, но без претходни инциденти. Опишувајќи го доаѓањето во Кочани, наведе дека патувале со автомобил, при што возач бил Андреја Ѓорѓиевски, а сопатници биле Игор Велков (тонец), таа и Сара Пројковски.

  • Мислам дека Панчо дојде со својот автомобил. Ние секогаш доаѓавме порано за да ја одработиме тонската проба, а Панчо доаѓаше подоцна – изјави Костадиновска.

За почетокот на настапот, сведокот рече дека концертот почнал околу еден и пол по полноќ и дека не може да каже точен број на присутни, но дискотеката била полна.

  • Ја изведувавме песната „Што сака нека биде“ и на самиот рефрен се вклучија прскалките. Ништо не беше неочекувано, на оваа песна секогаш се палат. Инстинктивно погледнав нагоре бидејќи почувствував топлина. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира – рече Костадиновска.

На прашање дали видела некој да употреби противпожарен апарат, одговори дека „мисли оти газдата донел ПП-апарат и му го дал на Панчо“, но дека таа веќе била на излезот.

  • Лично не видов повеќе никој од бендот. Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис, што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче, кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух, што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов – рече сведокот.

На прашање дали се сеќава на лицето што ѝ помогнало, Костадиновска рече дека не се сеќава, но подоцна дознала дека станува збор за момче од Виница, кое спасило повеќе лица. Костадиновска посочи дека и денес чувствува последици од повредите. По згрижувањето во болницата во Кочани, како што наведе, пријателка од Скопје ја однела во главниот град, каде што била хоспитализирана во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ два дена.

  • Коленото ми беше набиено навнатре и сè уште имам болки. Имав изгореници на лицето, веројатно од високата температура во клубот, како и траги како од цигара – рече Костадиновска нагласувајќи дека веста за загубата на блиските сè уште не ја прифатила во целост.

Во вкрстеното испитување бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, ја потсети на нејзиниот исказ во Обвинителството, особено во делот за вратата, која, според претходната изјава, била заклучена со катанец и за наводното присуство на полиција. Судот не го дозволи прашањето образложувајќи дека сведокот пред судот не посочила дека полицијата влегла и вршела легитимирање.

Во текот на рочиштето беше споменат и обвинетиот Шефкет Хазари, пензиониран раководител од Министерството за економија. На прашање од неговиот бранител Петре Шилегов дали го видела во дискотеката, Костадиновска одговори негативно.

Судењето за случајот „Пулс“ се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и многубројни сведоци. Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката во Кочани. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Постапка се води против повеќе физички и правни лица за тешки дела против општата сигурност. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.

извор: МИА

Поврзани вести