
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека во изминатите две години значително се зголемени средствата за научно-истражувачка работа, наменети за научниците и професорите на универзитетите и научните институти.
Говорејќи на јавната дебата за новиот Закон за високо образование на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Јаневска посочи дека во 2022 година буџетот изнесувал 2,9 милијарди денари, додека во 2026 година достигнал 7,7 милијарди денари. Таа изрази надеж дека со ваквата динамика постепено ќе се достигнат европските стандарди во финансирањето на науката. Но, како што вели, не секоја научна област има потреба за еднакви средства за научна-истражувачка работа.
На пример во општествените науки, тоа не велиме ние како Министерство или работна група, тоа светот го признал потребни се помалку средства, отколку да речеме во земјоделието, во медицината, во машинството и во инфорамтичкиот сектор исто така треба малку повеќе пари. Навистина има области во кои е потребно малку повеќе да се инвестира. Министерството направи една анализа, која покажува дека 11.000 евра годишно добива секој член на академската заедница, пари за наука. Тоа не се огромни пари, тоа не е нешто со што ние можеме да се фалиме. Но, тоа е силен напредок во однос на минатото, каде што тие средства биле сведени на минимум- изјави Јаневска.
Таа додаде дека државата инвестира во обновување на лабаратории, а лани се поддржани 45 научно-истражувачки проекти, по 125.000 евра, а какошто рече Јаневска со овие средства можат да се обноват лабаратории, да се купи апаратура и да се плати интелектуалната работа на научниците.
Министерката Јаневска потенцираше дека доколку продолжи ваквата финансиска поддршка и во наредните години, ќе се постигне саканиот ефект, притоа водејќи сметка за Бруто домашен производ, бидејќи, како што рече, „ние сме држава во развој, но силно се обидуваме да постигнеме, она што е неопходно“.

Македонски



