
Струмичанецот Зоран Јовановски ќе биде првиот македонски параолимпиец кој ќе настапи на Зимска параолимпијада, откако беше потврден неговиот настап на Зимски параолимписки игри Милано – Кортина 2026.
Информацијата ја соопшти Скијачката Федерација на Македонија, истакнувајќи дека станува збор за историски чекор за македонските скијачки спортови и значаен успех за параспортот во државата.
Од Федерацијата потенцираат дека настапот на Јовановски претставува доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можат да се поместуваат границите и да се испишуваат нови страници во спортската историја на Македонија.
Овој успех, како што се наведува, е резултат на долгогодишна работа, поддршка и вложување во развојот на параскијањето во земјата, упатувајќи јавна благодарност до тренерите Јане Стефанов и Петар Илев за професионалноста, посветеноста и вербата, и за Вангел Тркаљанов, кој го донесе параскијањето во државата и организираше повеќе од 20 скијачки кампови.
Од Федерацијата нагласуваат дека остануваат цврсто посветени на развојот на скијачките спортови, создавање еднакви можности и градење систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени.
Со овој настап, Струмица и Македонија ќе добијат свој претставник на најголемата зимска спортска сцена за спортисти со попреченост – момент што веќе се оценува како историски за македонскиот спорт.

Македонски



