Skip to main content

Македонска премиера на филмот „Соучесници“ во кој копродуцент е македонската куќа „Партизанс“

Република

Во средата, на 18 февруари, во скопското кино „Синаплекс“ се одржа македонската премиера на филмот „Соучесници“ чиј режисер е Марко Новаковиќ.

Продуцент на филмот е Лазар Ристовски („Зилион Филм“), а копродуценти се Роберт Насков („Партизанс“) и Иван Малоча („Интер Филм“).

​Филмот се снимаше минатата година во Србија, поточно во Ужице и оваа година имаше премиера исто така во земјата на главниот продуцент. Сакам да се заблагодарам на Македонската агенција за филм за финансиската поддршка и секако на „Синаплекс“ и на „Константин филм“ коишто го дистрибуираат овој филм, кажа пред прикажувањето македонскиот продуцент Насков.

Главните улоги ги толкуваат Невена Неранџиќ и Радован Вујовиќ, а играат и: Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ и Јован Белобрковиќ, како и пет исклучителни актери од регионот: нашата Сара Климоска, Стојан Матавуљ и Хана Јапунџиќ од Хрватска, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ од Босна и Херцеговина и Петар Новаковиќ од Црна Гора.

Директор на фотографија е Бојан Ракиќ, монтажер Петар Шумоња, сценограф Ирена Марјанов, костимограф Снежана Карл, маскер Нина Илиќ, композитор на оригиналната музика за филмот е Владимир Пејковиќ, а дизајнери на звук се Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ. Во постпродукцијата на звукот учествуваше и нашиот Игор Поповски.

​Филмот „Соучесници“ е психолошка и социјална драма, во кој идиличниот живот на главните ликови нагло се менува по сообраќајна несреќа. Додека се борат да се справат со последиците, нивната совест ги прогонува, трансформирајќи ја нивната врска и доведувајќи до низа неочекувани настани.

Поврзани вести