
Овој петок, неслучајно 13-ти, во етер излегува првиот албум на битолското акустично дуо „Трето Колено“, насловен како „Простор Без Движење“. Музичкиот материјал, во 8 (осум) чина (песни), со текстови на македонски и англиски јазик, членовите го опишуваат како: „левитирачко корзо низ сублиминалните катчиња на потсвеста и миризливи сеќавања на совршени средби, во симболичен вакуум простор“
Албумот е снимен во една сесија во живо, миксан и мастериран во студио „Алшар„ – Скопје, Октомври 2025 од Ивица Јанкуловски, а дистрибуиран по сите дигитални платформи од Filter Label на Емил Хаџи Панзов. Илустрацијата за омотот е на Зоја, а графичкиот дизајн на Гоце Веселиновски.

„Трето Колено“ со снимањето на својот деби албум заокружува една година сонлив надреализам на дуото составено од Дејан Деки Марковски и Пеце Брада Трајковски, кои најавуваат промотивни активности околу албумот што вклучуваат најавени и ненајавени улични настапи во некои населени места на земјата и во подземјето.
„Трето колено почнува во стомакот, рецентрирано околу својата оска. Музиката не објаснува, туку се лепи — под кожа, зад коленото, во ритмот што не е воспитан. Ништо не е гласно, ама ништо не е невино. Сè се движи како сон што си го заборавил, а сепак те води цел ден поинаку.
Ова не е музика за исправено стоење, туку за телото кога малку попушта, кога тежината налегнува, кога телата стануваат мазни, влажни, двосмислени. Трето колено не се спротивставува со пароли, туку со музика што одбива да биде фина. Со звук што не сака да биде корисен, ниту чист, ниту паметен на начин што се продава. Тоа е сонлив надреализам со пулс — силен, телесен, бавен, малку валкан и доволно жив за да те извади од удобното знаење, и да те праша дали сакаш да останеш ист”, вели Влатко Деловски.

Македонски



