Skip to main content

Археолошкиот музеј дел од меѓународната изложба „Атила“ во Будимпешта

Изложбата „Атила“ дел од Horizons of Memory, е отворена во Унгарскиот национален музеј. Во рамките на изложбата се изложени и артефакти од Македонија. Гостите на церемонијата на отворањето можеа да видат 400 артефакти од 64 музеи од 13 земји: непроценливи богатства, оружје на освојувачите, искривени черепи пронајдени во гробови и легендарната историја на Хунската империја. Сето ова на изложбата чиј главен лик е Атила, владетелот на Хуните.На отворањето на изложбата се обрати Балаш Ханко, министер за култура и иновации.

Меѓу присутните беа шефови на дипломатски мисии, државни секретари и заменик-државни секретари, како и генерални директори на музеи, бројни историчари и професионалци. На свеченото отворање присуствуваа и претставници од Националниот археолошки музеј, како и од Управата за заштита на културното наследство на Македонија.

Чест и задоволство ни е што сме дел од оваа навистина грандиозна изложба, која обединува голем број Музеи, 64 поточно, од целиот свет, од 13 држави меѓу кои и Македонија, односно Националниот Археолошки Музеј од Скопје. Се претставуваме со едно многу значајно откритие од археолошкиот локалитет Таранеш, Дебарско, познатиот гроб, дел од наодите откриени таму се дел од оваа изложба. За нас како Музеј е многу важно што учествуваме на изложбата затоа што тоа е претставување и на нашето културно наследство, меѓутоа пред се соработка со институции од Европа и од светот. Се надеваме дека голем број на посетители ќе успеат да ја видат изложбата, а тоа ќе ги поттикне да дојдат и кај нас во Археолошкиот Музеј и да го видат и нашето богато археолошко наследство“, рече директорката на Археолошкиот музеј во Скопје, Магдалена Манаскова за Културчат.мк

Д-р Радомир Ивановиќ, виш кустос за доцноантичка археологија во Националниот археолошки музеј во Скопје беше дел од свеченото отворање во Будимпешта.

Честа е огромна. Да се најдеме во друштво со толку многу светски Музеи, реномирани и толку многу земји да бидат вклучени на едно место, само по себе претставува огромна чест. Меѓу другото и наодите кои што ги претставуваме овде се исклучително ретки. Се работи за ексклузивен гробен инвентар, уникатен во Македонија, од гробот пронајден во Таранеш, Дебарско. Во Унгарија има слични примери како нашите. Меѓутоа, самата покана која ја добивме да учествуваме на оваа изложба, само по себе многу значи, смета Ивановиќ.

Националниот археолошки музеј со своето учество се приклучува на ова престижно друштво на европски музеи и придонесува кон интернационалната приказна за културното наследство од времето на Хуните. На изложбата „Атила“ се изложени и дијадема од женска погребна куќа во Азербејџан украси за појас, прстен, стаклени и сребрени садови, меч и сет играчки од коска. Изложбата оживува 1.600 години слики и митови за Атила, од хунскиот период до денес. Шетајќи низ тематските единици, посетителите можат да дознаат за светот на таа ера, елитната војска околу Атила и богатата историја на рецепција на артефакти, теории и толкувања поврзани со сеќавањето на него. Изложбата, која може да се посети помеѓу 23 јануари и 12 јули 2026 година, е надополнета со богата серија придружни програми. Посетителите можат да очекуваат меѓународни конференции, научни предавања, дискусии на тркалезни маси, традиционални семејни и детски програми, музејски педагошки сесии, работилници за занаети, презентации на книги, филмски проекции и програми со жива музика.

Поврзани вести