
Повеќе од 2.000 домашни и странски посетители денес го посетија Националниот археолошки музеј и беа дел од нашиот настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“, организиран по повод 35 години од независноста на нашата држава.
Во текот на целиот ден музејските сали беа исполнети со посетители кои ги бараа 35-те предмети означени со македонското знаме, ги слушаа нивните приказни и заедно со нашите кустоси откриваа дел од богатството што секојдневно е пред нив во постојаната поставка.
Особено нè радува огромниот број домашни посетители, семејства и млади луѓе, заедно со бројните странски туристи кои токму на Денот на независноста одлучија да го посетат Музејот.
Во рамките на програмата беше промовиран и каталогот „35 години – 35 предмети – 35 приказни“, во присуство на голем број гости, соработници и пријатели на Музејот. Каталогот го промовираа министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани и директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, претставувајќи ја идејата зад изборот на 35 предмети и значењето на археолошкото наследство во градењето на историската меморија, современиот идентитет и односот кон сопствената држава.
Денешната посетеност ни покажа нешто што за нас е особено важно: публиката сака да ја запознае археологијата кога зад предметот ќе го открие човекот и неговата приказна.
Избравме 35 предмети, а целта беше да потсетиме дека зад секој од илјадниците предмети изложени во Националниот археолошки музеј постои приказна што заслужува да биде раскажана.
Ви благодариме на повеќе од 2.000 посетители кои денес ја споделија оваа идеја со нас, на нашите гости и пријатели, како и на целиот тим на Музејот кој придонесе овој 8 Септември да изгледа вака.
35 години независност.
35 предмети.
35 приказни.
Илјадници години историја.
Една татковина.

Македонски

