
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски вчера и денеска учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На состанокот, со кој претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, во текот на вчерашниот ден обраќање имал генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој на почетокот упатил благодарност до учесниците на состанокот за континуираната поддршка и јасното лидерство во зајакнувањето на сојузничкото одвраќање и одбрана. Во оваа прилика, Руте го истакнал напредокот постигнат по Самитот во Хаг, со фокус на зголемени инвестиции во одбраната, засилено воено производство и континуирана поддршка за Украина. На крајот, генералниот секретар порачал: „Ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите партнери ширум светот, бидејќи безбедноста претставува заеднички напор“.
Како што информираат од Генералштабот, адмиралот Драгоне во неговото обраќање нагласил дека безбедносната состојба останува исклучително сложена, потенцирајќи ги војната во Украина, нестабилноста и насилството долж јужното соседство на НАТО, отворените тензии, како и активностите на други малигни актери кои продолжуваат да ја загрозуваат глобалната стабилност. Навраќајќи се на активностите на НАТО, адмиралот Драгоне нагласил дека во текот на изминатата година, преку успешните операции „Baltic Sentry“ и „Eastern Sentry“ и зголемениот број воени вежби, се зајакнала НАТО будноста и способноста за одбрана и одвраќање на Алијансата, потврдувајќи ја исклучителната приспособливост на НАТО стратегиските команди. На крајот, адмиралот Драгоне истакнал дека безбедноста не е само прашање за политичарите и војската, туку ги засега сите во сојузничките земји.
Затоа ни е потребна не само поддршка, туку и вистински ангажман од повеќе од милијарда луѓе кои сме посветени да ги браниме“, посочил Драгоне.

Во текот на состанокот, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич, ги информираше началниците на генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на Алијансата. Командантот на Врховната сојузничка команда за трансформација, адмирал Пиер Вандие, ги изнел своите видувања за иднината, вклучително и како НАТО го забрзува процесот на испорака на клучни капацитети со цел силите на Алијансата да бидат подготвени за актуелните закани и идните безбедносни ризици. Посебен фокус бил ставен и на партнерствата, вклучително Советот НАТО-Украина, индо-пацифичките партнери и Европската Унија.
Во рамките на состанокот генералот Лафчиски активно учествувал во дискусиите за прашањата поврзани со глобалните безбедносни предизвици, подготвеноста на Алијансата за одвраќање и одбрана, интероперабилноста, заканите, ризиците и предизвиците, како и соработката со земјите партнери. Во своето излагање ја потенцирал посветеноста на Армијата за регионалната безбедност преку учеството во мировни мисии, операции и НАТО активности во странство, пред сè во мисијата на НАТО во Косово (КФОР), ЕУ операцијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и во НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“ во Бугарија и Романија.
Генералот Лафчиски се осврнал и на националната вежба „Блесок 26“, која ќе се фокусира на оценувањето на ЛПБГ, како наша примарна НАТО цел на способност. Вежбата ќе послужи и како платформа за усогласување на националните и НАТО обврските. Дополнително било потенцирано зајакнувањето на подготвеноста на Армијата преку континуирана модернизација и опремување.

На маргините на состанокот, генералот Лафчиски остварил билатерална средба со началникот на Генералштабот на Унгарија, генерал Габор Беренди на која разговарале за продлабочување на билатералната воена соработка со акцент на заедничките обуки помеѓу припадниците на Армијата и унгарските вооружени сили, како и за можностите за опремување и модернизација.
Во рамки на престојот во Кралството Белгија, генералот Лафчиски остварил средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Македонија во НАТО штабот во Брисел.
На состанокот, со кој претседаваше претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, покрај генералот Алексис Г. Гринкевич и командантот адмирал Пиер Вандие, учествуваат началниците на генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, како и претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.

Македонски




