
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, што ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан, соопштија попладнево од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Балканската платформа за мир е иницијатива поднесена од министерот Фидан во 2025 година со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилноста и благосостојбата преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамките на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул“, велат од Министерството.
Предвидено е министерот Муцунски да се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

Македонски




