
Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ јавно алармира и бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни сомнежи за организирано внесување и дислоцирање кучиња на територијата на град Скопје. Како што наведуваат, оваа појава директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови во општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои не им се познати на локалните жители и не припаѓаат на постоечката улична популација. Станува збор за нестерилизирани и необележани животни, што, според „Анима Мунди“, ја исклучува можноста за природен прираст и укажува на насилна и намерна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП „Лајка“ нема оставено, ниту испуштено ваков број нестерилизирани и необележани кучиња на ниту една локација во Скопје. Дополнително, се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите населби, а новопојавените животни не се дел од таа популација.
„Анима Мунди“ информира и дека на терен биле забележани кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство се бара да утврдат кој, како и од каде ги транспортирал и истоварал животните, нагласувајќи дека не станува збор за изолиран инцидент, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се потенцира дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост врз животните и сериозна општа опасност. Поради тоа, „Анима Мунди“ поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленици, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на законската пракса во Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници. Според нив, секоја општина има обврска хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и строги санкции каде што ќе се утврди незаконско дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, утврдување одговорност и најстрого санкционирање на сторителите.

Македонски




