Skip to main content

Зекирја Таири е новиот пратеник од Вреди

Собранието на денешната 80. седница му го верификуваше мандатот на новиот пратеник Зекирја Таири од коалицијата „Вреди“, кој влегува во законодавниот дом на местото на Беким Сали. Сали беше именуван за прв вицепремиер и министер за европски прашања.

Одлуката беше донесена врз основа на предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и известувањето од Државната изборна комисија (ДИК).

На почетокот на седницата, по предлог на група пратеници и предлагачи, беа повлечени предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за полицијата и на Законот за внатрешни работи, кои беа предложени по скратена постапка.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, даде пауза до 12:30 часот, по што седницата ќе продолжи по завршувањето на работата на неколку собраниски комисии.

Во продолжението на седницата, пратениците треба да одлучуваат и за избор на Арлинда Кадри-Шахиновиќ и Сузана Јошевска-Анастасовска за членки на Судскиот совет, предложени од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

На дневен ред се и повеќе законски решенија, меѓу кои измените и дополнувањата на Кривичниот законик во прво читање, предлог-законот за престанување на важењето на Законот за вонсудското спогодување, како и измените на Законот за регистар на задолжителното социјално осигурување и на Законот за системот за процена на лицата со попреченост.

Пратениците ќе расправаат и за предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем од Банката за развој при Советот на Европа, наменет за дополнително финансирање на проектот за изградба на фискултурни сали, исто така во прво читање.