
Во пресрет на повторените избори за градоначалник во Центар Жупа, во сабота правото на глас во домашни услови ќе го остварат две болни и изнемоштени лица.
Во сабота на 10 јануари правото на глас во домашни услови треба да го остварат две лица, колку што и се пријавија за гласање. На изборите на 19 октомври минатата година за да го остварат правото на глас беа пријавени 12 лица, колку што и беа прифатени а гласаа 11 лица“, информира за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.
Во оваа општина изборот за градоначалник се повторува поради необезбеден цензус од 1/3 од гласачкото тело, а во трка беа тројца кандидати.
На 11 јануари има само еден кандидат, Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, поддржан од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во недела не е потребен цензус, па четвртиот последователен мандат на Ибраим е сигурен. Тој моментно е повереник со надлежности за градоначалник.
Ќе се гласа на 16 гласачки места а во единствениот избирачки список запишани се 7562 лица, што е за 11 повеќе од 19 октомври, кога ова право го остварија 21,49 отсто од вкупно запишаните 7551 гласачи.
Општина Центар Жупа, која е позната по масовната миграција според последниот попис има 3720 жители.

Македонски




