
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека се носи Буџетот на Град Скопје за 2026 година, но истовремено, како што нагласува, мора отворено да се зборува за тешката финансиска состојба што е наследена од претходните раководства.
Во објава на својот Фејсбук профил, Ѓорѓиевски наведува дека е наследен еден од „најкатастрофалните квартални извештаи во историјата на градот“, од времето на Петре Шилегов и Данела Арсовска. Според податоците, за девет месеци биле реализирани приходи од 2,85 милијарди денари, што претставува просек од околу 317 милиони денари месечно.
За споредба, за само 40 дена реализиравме приходи од 659 милиони денари, речиси двојно повеќе од било кој месечен резултат во минатото – истакнува градоначалникот.
Тој додава дека на сметката на Град Скопје биле затекнати само 40 милиони денари, а уште првиот работен ден од мандатот пристигнало извршно решение за наплата од 48 милиони денари, плус дополнителни три милиони по основ на спогодби. Според него, биле наследени презадолжени јавни претпријатија, девастирани културни установи и сериозни проблеми во образованието.
Ѓорѓиевски нагласува дека во кварталниот извештај се прикажани само доспеаните долгови и кредити, без недоспеаните обврски и активните тужби, кои, како што наведува, изнесуваат околу 2,9 милијарди денари.
На 8 ноември 2025 година јавните претпријатија немаа земено плата за септември. Со ребалансот на Буџетот овозможивме исплата на заостанатите плати и придонеси – вели тој.
Покрај речиси 200 милиони денари обезбедени за плати, биле наследени и обврски кон добавувачи од 330 милиони денари, кои, според Ѓорѓиевски, веќе се намалени на 236 милиони денари.
Градоначалникот информира и за низа проекти кои се реализираат или се планирани: изградба на спортски терени во шест средни училишта, набавка на прочистувачи на воздух, ИТ опрема и училишен мебел, средства за Луна паркот, како и за првата фаза од подземната сообраќајница кај „Лимак“ и кружниот тек во Ѓорче Петров.
Дополнително, решена е експропријацијата кај Момин Поток, започната е реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром, а обезбедени се средства и за други инфраструктурни проекти што ќе се реализираат во 2026 и 2027 година.
Ѓорѓиевски посочува и дека е постигната спогодба со Владата, со поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, за исплата на 360 милиони денари за студентски превоз во период од три години.
По многу години, го исчистивме Град Скопје и му даваме новогодишен дух каков што заслужуваат скопјани. Кога се работи со желба и посветеност, сè е можно – порачува Ѓорѓиевски.

Македонски






