Skip to main content

Министерството за здравство иницирало вонреден инспекциски надзор преку ДСЗИ по смртта на новороденчето на ГАК

Министерството за здравство изрази сочувство до семејството по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и информираше дека се преземаат сите неопходни чекори за целосно расветлување на случајот. Министерот за здравство, Азир Алиу, иницирал вонреден инспекциски надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.

Од Министерството потенцираат дека постапувањето ќе биде професионално, стручно и транспарентно, со цел јавноста да биде точно и објективно информирана за околностите под кои настанал трагичниот исход, како и за преземените активности од стручен аспект.

Во соопштението се апелира до јавноста да се почекаат резултатите од инспекциските и стручните надзори, како и обдукцискиот наод, кој, како што наведуваат, е единствениот и конечен релевантен документ за утврдување на причините за смртта. До добивање на конечните резултати, Министерството повикува да не се создава дополнителен немир кај семејството и во јавноста.

Воедно, потсетуваат дека Клиниката за гинекологија и акушерство претставува врвна терциерна здравствена установа, во која се применуваат законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство најавува дека ќе остане отворено и транспарентно во комуникацијата и дека јавноста ќе биде навремено информирана веднаш по добивањето на сите релевантни наоди.

Поврзани вести