
Комисијата смета дека бугарското законодавство моментално исклучува одредени медицински установи во приватна сопственост од правото за учество во јавни набавки, дури и во случаи кога над 50 отсто од нивното финансирање потекнува од државниот буџет, што не е во согласност со законодавството на ЕУ.
За овој случај, ЕК покренала постапка уште во јануари 2019 година со барање Бугарија да го усогласи своето законодавство со правилата на ЕУ, но иако Владата поднела предлог законски измени, тие сè уште не се усвоено од страна на бугарското Собрание. Комисијата, дополнително проценува и дека дури и при прифаќање на предложените измени, посочените недостатоци нема да бидат надминати.
На новинарско прашање на денешната прес-конференција во Еврокомисијата за коментар на антивладините протести во Бугарија, портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт изјави дека правото на мирни протести важи за сите.
Ставот на Комисијата во однос на протестите е јасен. Мирните демонстрации се фундаментално право во сите демократски земји. Немам што повеќе да коментирам, рече Ламерт.
Во врска пак со одлуката на ЕК за суспензија на околу 200 милиони евра наменети за Бугарија, портпаролот за кохезија и реформи Мачеј Берестецки истакна дека тоа е сторено поради проценката дека земјата не ги исполнила обврските поврзани со телото за борба против корупцијата.
Во прелиминарната проценка за Бугарија што ја усвоивме пред неколку дена велиме дека спроведувањето на повеќе препораки е позитивно оценето, но има неколку, како оние што се однесуваат на антикорупциското тело, кои не се исполнети на задоволително ниво. Бугарија сега има еден месец да ги испрати своите забелешки во врска со оваа привремена суспензија и ќе чекаме реакција на Бугарија на нашата одлука, додаде Берестецки.

Македонски







