
Близу 30 пријави за дигитално насилство пријавиле девојки и жени од Вардарски регион за нецели три години, соопштија денеска од организацијата на жени „Женско лоби“ од Демир Капија.
Според податоците добиени од Министерството за внатрешни работи-СВР Велес, во периодот од 1 јануари 2023 до 15 октомври 2025 година, поднесени се 28 пријави од жени и девојки – жители на териториите на општините Велес, Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско и Демир Капија за случаи во кои биле жртви на дигитално насилство. Од нив, два случаи се однесуваат на уцена, 17 на злоупотреба на лични податоци, осум на загрозување на сигурноста и еден случај се однесува на ширење на ксенофобичен материјал. Жртвите се жени и девојки на возраст од 15 до 60 години, појасни Менче Николова, претседателка на организацијата.
По сите пријави, СВР Велес и ОВР Кавадарци постапиле и доставиле соодветни поднесоци до Основното јавно обвинителство во Велес и Кавадарци.
Николова информираше за овие податоци, во рамките на денешната акција за подигнување на свеста за дигиталното насилство врз девојките и жените. Таа додаде дека акцијата ја реализираат заедно со други женски граѓански организации.
Под мотото „20 црвени сигнали“, денес во Струмица, Демир Капија, Гостивар и Радовиш се одржаа паралелни јавни акции посветени на подигнување на свеста за дигиталното насилство врз девојките и жените. Акцијата ја реализираа четири женски граѓански организации – Организација на жени од Струмица, во соработка со „Женско лоби“ – Демир Капија, ИГИ од Гостивар и Женска акција од Радовиш, соопшти таа.
Во секој град биле поставени дваесет црвени кругови, секој со порака или сведоштво што ја открива реалноста на дигиталното насилство.
Црвената боја, како симбол на предупредување и аларм, ја пренесе пораката дека сајбер насилството остава вистински и длабоки последици врз животите на девојките и жените. Перформансот беше чин на солидарност, отпор и поддршка кон сите кои се соочиле со дигитално насилство. Акцијата се спроведе во рамки на Меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, со цел да се испрати јасна порака дека дигиталното насилство е сериозен и сè почест облик на родово базирано насилство, што мора системски да се препознае и санкционира, истакна Николова.
Таа додаде дека активноста е дел од годишната програма на Организација на жени од Струмица, финансиски поддржана со институционални грантови од Global Fund for Women и Акција Здруженска од Скопје.

Македонски







