Skip to main content

Женски организации, активистки и пратенички на заедничка средба во Собранието: Локалните проблеми бараат национални решенија

Клубот на пратенички при Собранието на РСМ денеска беше домаќин на 8 локални организации и 16 жени активистки од рурални заедници, кои за прв пат влегоа во Собранието и побараа од пратеничките измени на Законот за локална самоуправа да предвидат повеќе-фазна постапка за учество на граѓаните со посебно осигурено учество на жените, јакнење и формализирање на месната самоуправа, со гаранции за родово балансирано претставување, како и обезбедување просторни и финансиски ресурси за месните заедници за жените да можат реално да се вклучат.

Откако средбата ја отворија претседателката на Клубот на пратенички, Јована Тренчевска и заменичката-претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Весна Ѓорѓиева, извршната директорка на Акција Здруженска, Марија Савовска, истакна дека женскотo лидерство не е и не треба да биде резервирано само за  привилегирани жени кои се образовани или добро ситуирани и дека гласот и на маргинализираните жени мора да стаса и на национално ниво.

„Женското учество, економската независнот и пристапот до основни локални услуги не може да зависат од добрата волја, финансиите и способноста на општините туку бараат национален одговор“, истакна Савовска.

Ленче Христова од Организација на жени – Струмица, кажа дека жените систематски се исклучувани од локалните процеси, може да се реши само со системски решенија кои ќе обезбедат трајни демократски навики, транспарентност и одговор на специфичните потреби на жените. Таа ги повика пратеничките да го поддржат закажувањето на 52-та пленарна седница за усвојување на измените на Законот за локална самоуправа.

Елизабета Стојанова од Локалниот женски кружок во Сачево истакна дека без охрабрување на жените да поверуваат дека имаат право да учествуваат, без борба со стереотипите дома, без отворени институции и без сигурен простор за женско дејствување, не може да се очекува вистинска женска вклученост.

Фадрије Мустафовска од Радика-Де укажа дека жените од руралните средини остануваат „невидливи“ за постојните програми, чии критериуми не ги препознаваат реалните услови во кои живеат.

„Жени без имот, без формално образование, жени што се грижат за семејството или немаат можност за мобилност – тие се исклучени уште на самиот почеток. Време е мерките да се приспособат на вистинските потреби“, рече Мустафовска, која ги презентираше резултатите од најновото истражување во три рурални општини, кое покажува голем интерес кај жените, но сериозни финансиски и структурни бариери.

Ивана Цветковиќ Стојчева од Хуманитарно здружение „Мајка“ Куманово, алармира за драматичната состојба со недостатокот на чиста вода и системите за отпадни води како прашање на опстанок во селата, кое бара итна национална интервенција. Таа сподели податоци од Институтот за јавно здравје – во 2024 регистриран е зголемен број на неисправни примероци на вода во споредба со претходните години, со 26,8 % физичко-хемиски неисправни и 42,9% бактериолошки неисправни примероци во кумановските села со градски или сопствен водовод и села со други видови на објекти за водоснабдување.

„Жителите во 44 села сами се снаоѓаат за безбедна вода за пиење. Драматична е и ситуацијата со отпадните води, речиси никаде нема функционална канализациска мрежа. Ова директно го загрозува здравјето на жителите, ја загадува земјата и водите и создава дополнителни трошоци за семејствата“, изјави Цветковиќ Стојчева, која ги повика државните институции да обезбедат пари и посериозна поддршка за изградба и проширување на водоснабдување и системи за третман на отпадни води во селата.

Зборувајќи за проблемот со водата, Жељка Диклиќ Илиевска од локалниот женски кружок Пчиња, се осврна на секојдневието на жените и на финансискиот товар што го имаат семејствата. 

„Дома имам систем за обележување на бурињата – едни за садови, други за готвење, а за пиење, користиме само купена, флаширана вода. Моето четиричлено семејство троши најмалку 40 евра месечно само за флаширана вода за пиење и дополнителни 50 евра за потребите во домаќинството“, изјави Диклиќ Илиевска.

Поврзани вести