Skip to main content

Од денес универзален полнач во ЕУ

freepik

USB-C конекторот официјално стана заеднички стандард за полнење електронски уреди во Европската унија, објави Европската комисија на социјалната платформа X.

„Ова значи подобра технологија за полнење, помалку електронски отпад и помалку потешкотии да ги пронајдете потребните полначи“, напиша Комисијата на X.

Директивата за радио опрема, која има за цел да го намали количеството електронски отпад во Унијата и да им овозможи на потрошувачите да купуваат поодржливи електронски уреди, беше одобрена од европратениците на пленарната седница во Стразбур во 2022 година со 602 гласа „за“, 13 против и 8 воздржани.

Новиот стандард за преносни уреди ќе биде USB-C, кој овозможува брзо полнење и пренос на податоци, а потрошувачите ќе можат да изберат дали сакаат да купат и нов полнач заедно со новиот уред.

Производителите на преносни компјутери ќе мора да ги почитуваат истите правила од 28 април 2026 година, пишува Euronews.

Ана Кавачини, шеф на Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот парламент, во изјавата рече дека тоа е „решителен чекор кон удобноста за потрошувачите и одговорноста кон животната средина“.

„Овие правила се однесуваат на ограничување на тоните отпад што се создаваат со отстранување на полначи секоја година и ќе заштедат околу 250 милиони евра за домаќинствата во Европската унија со елиминирање на непотребните купувања на полначи секоја година“, додаде Кавачини.

Европскиот парламент рече дека „внимателно ќе го следи“ прилагодувањето на производителите кон промената на регулативата.

Производителите на електронски уреди долго се спротивставуваат на притисокот на ЕУ за стандардизирање на технологиите за полнење.

Одлуката ќе важи за сите производители, но пред се Apple, кој првично ги оспори новите правила, наведувајќи ја загриженоста за иновациите.

Сепак, технолошките гиганти почнаа да се усогласуваат со директивата и да користат USB-C во своите уреди.