
Вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ќе трае до 11 јануари 2026 година. Победникот на наградата востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе биде соопштен на 11 март 2026, на денот на раѓањето на големата македонска писателка Оливера Николова.
Право на учество на конкурсот имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. За наградата можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници), што ќе ги достават самите автори (со полно име и презиме) по електронска пошта на е-адресата [email protected], како Word или PDF-документ со назнака: За конкурсот „Оливера Николова“.
Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Наградата „Оливера Николова“ е востановена оваа година на 11 март, на првиот роденден без физичко присуство на Оливера Николова, која почина на 3 ноември 2024 г.
На првиот конкурс победи ракописот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски, избран од 38 пристигнати ракописи.
Со оваа награда, „Арс Ламина“ ја продолжува мисијата на Оливера Николова – да се поттикнува и негува романот за деца и млади како дефицитарен жанр во современата македонска книжевност.

Македонски






