Skip to main content

Николовски: Бизнис заедницата бара итни реакции – достапни сме за нив 24/7

Бизнис заедницата бара решавање на сите предизвици со кои се соочуваат во реално време. Јас и мојот тим сме достапни за нив 24/7 и тие тоа го знаат. Заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија и кога тимската работа е ставена во прв план. Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што испорачува колективни резултати, вели директорот Бобан Николовски во интервју за едицијата „Топ 100 извозници“ на Извоз.мк, соопшти Царинската управа во соопштение што МИА го пренесува интегрално.

Во моментов со грант средства од ЕУ работиме на проектот „паметни граници“, модернизација на граничниот премин Делчево, отворање нов граничен премин Клепало со Бугарија, возобновување на граничниот премин Маркова нога со Грција и имплементација на Систем за регистрација и идентификација на економските оператори – ЕОРИ 2 кој веќе е во финална фаза. Паралелно, во рамки на Проектот за олеснување на транспортот и трговијата во Западен Балкан на Светска банка, на сите гранични премини е поставен систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблички, граничниот премин Ќафасан е модернизиран, а интензивно работиме и на модернизација на граничниот премин Деве Баир, како и на нов Национален едношалтерски систем – истакна директорот Николовски.

Најголем успех, вели, е кога постигнатите резултати се мерливи, видливи и препознаени од бизнис заедницата, граѓаните и од меѓународната заедница.

Во овој период јасно ја покажавме улогата на Царинската управа во забрзување на економскиот раст и подобрување на условите за водење бизнис, како и во процесот на интеграција на земјата во единствениот пазар на Европската Унија. Резултатите се препознаени и од Европската комисија, која во последниот извештај за напредокот на земјата нотира високо ниво на напредок во поглавјето Царинска унија, со кое раководи Царинската управа. Европската комисија особено го нагласува високото ниво на наплата на приходи, високата усогласеност на законодавството, како и усогласувањето и унапредувањето на ИКТ системите. Во делот на зајакнување на оперативните капацитети, посебно е истакнат разузнавачкиот систем што го имплементиравме – вели Николовски.

Осврнувајќи се на постигнатите резултати истакна дека кумулативно, заклучно со 31 октомври, се наплатени приходи од 1,77 милијарди евра, што претставува зголемување од 89,4 милиони евра, споредено со истиот период минатата година. Зајакнати се контролите, кои се клучни за обезбедување фер економски услови, при што поднесени се 174 кривични пријави, а истовремено вкупно се евидентирани 280 случаи на заплени на разновидна стока, која во најголем дел била наменета за нелегална продажба во нашата држава.

Меѓу другото, Николовски истакнува дека за краток период со голема посветеност е имплементиран новиот компјутеризиран транзитен систем – фаза 5, со кој се забрзуваат транзитните постапки, се подобрува царинската контрола и се подигнува нивото на безбедност, а веќе интензивно се работи и на имплементација на фаза 6.

Во насока на зголемување на ефикасноста на администрацијата и забрзување на постапките, директорот нагласува дека на граничните премини од А категорија работното време на АХВ е целосно усогласено со Царинската управа. Воедно како што најавува потврдите за царински долг коишто се потребни за уписи и промени на правниот субјект, Централниот регистар од неделава ги добива електронски.

Од аспект на забрзување на транспортот, несомнено најголем импакт, како што вели, ќе има Проектот за автоматизација и дигитализација на царинските терминали.

Проектот предвидува целосна замена на постојните ваги со современи дигитални ваги, како и замена на рампите со автоматизирани системи за управување со сообраќајот на терминалите, со што Царинската управа не само што го подобрува квалитетот на своите услуги, туку создава и основа за паметна, целосно дигитална и одржлива царинска инфраструктура – потенцира тој.

Директорот Николовски информира дека веќе е избран експерт кој работи на изготвување документација за најсоодветно техничко решение за набавка на опрема, а во следна фаза по завршување на набавката, за што очекува наскоро да биде распишан јавниот повик, ќе се работи и на развој на соодветно софтверско решение.

Поврзани вести