Skip to main content

Спасовски со критика до членовите на Владата кои не присуствуваат на седницата за пратенички прашања

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ попладнево процедурално реагираше дека согласно собранискиот Деловник на седница за пратенички прашања присуствуваат претседателот и членови на Влдата за кои е најавено дека ќе им се постават прашања, посочувајќи дека во салата сега се присутни премиерот и пет од вкупно 24 членови на Владата.

Бесмислено е толку министри да бидат отсутни кога пратенички прашања се еднаш месечно. Има многу министерства каде ниту министер, ниту заменик министер е присутен. Ако убаво погледнеме ќе видиме дека ниту еден министер од ВРЕДИ не е присутен и ова не треба да биде пракса и мисла дека треба повеќе да се заложиме за една поголема меѓусебна почит помеѓу двете институции Собранието и Владата. Ако е суптината во тоа дека треба на замениците министри да се поставуваат прашањата и ако едниот заменик не може да присуствува, тогаш треба сериозно да размислиме што треба да направиме со поставеноста генерално ваква каква што ја имаме или институтот „пратенички прашања“ е нецелисходен да биде вака заради тоа што знаете сами дека оваа седница или било која друга седница чини околу 40 илјади евра од страна на даночните обврзници на оваа држава. Ако е така, зошто би трошеле толку финансиски средства, а да не може да се поставуваат пратенички прашања, изјави Спасовски.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски посочи дека добил писмено известување за оправдано отсуство од министрите за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, за култура Зоран Љутков и за одбрана Владо Мисајловски.

И гледам дека добар дел, претседателот на Владата и другите министри или заменици се присутни. Сепак да имаме и обѕир кон одредени состојби кои не се однесуваат на тоа што го кажавте. Министерот за одбрана најавил отсуство, но во моментот нема заменик министер за одбрана и за жал не можеме да имаме претставник. Но, како и да е, најголем дел од членовите на Владата, вклучително и претседателот на Владата се присутни и пратеничките прашања се одвиваат во најдобар ред, рече Милошоски.

Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев процедурално побара од потпретседателот Милошоски да закаже седница на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади со точка на дневен ред Законот за бранителите.

Согласно член 63 од Деловникот бараме од вас да закажете седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади и да го одблокирате Законот за бранителите. Сфативме дека Африм Гаши од ВРЕДИ нема да го направи тоа. Но прашањето е зошто Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа, а има право на тоа. Многу едноставно се откочува законската процедура за тој закон, само треба потпретседателот да закаже Комисија за социјална политика, демографија и млади со точка Закон за бранителите и да назначи претседавач од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На располагање ви се колешките Ласкоска, Лозановска, Ангелинка Петкова, Бисера Златеска или нивните заменици доколку оние не се во можност. Целосно зависи од ВМРО-ДПМНЕ одблокирањето на Законот за бранителите, ама вие тоа не го правите оти побитна ви е коалицијата со ВРЕДИ. Кога бевте опозиција доста бевте гласни за прашањето за бранителите. Во 2023 година поднесовте исто законско решение како она што е поднесено сега… , рече Јанчев.

Ако Милошоски не закаже седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Јанчев најави дека пратеничката група на Левица ќе поднесат интерпелација против него за блокирање на Законот за бранителите.

Милошоски му одговори дека истата сериозно ќе се земе во предвид и ќе ја почека интерпелацијата. 

Поврзани вести