Skip to main content

Помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски е хоспитализиран, тој е едно од затруените деца во „Димо Хаџи Димов“

Помалиот син на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, Антониј, е еден од потешко затруените ученици од скопското основното училиште „Димо Хаџи Димов“ населбата Влае во општината Карпош, објави „НетПрес“.

Како што објавува порталот, тој бил хоспитализиран и два дена е во болница со симптоми на труење и зголемена телесна температура. Моментно, тој е во подобра здравствена состојба.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на ООУ „Димо Хаџи Димов“. Надзорот следува по утринското известување дека поголем број ученици пријавиле стомачни болки.

Кујната е привремено затворена додека се утврдува можниот извор на евентуално труење со храна. Според Националниот протокол, ќе се спроведе епидемиолошка анкета и ќе бидат земени мостри од храната, работните површини, приборот и машините за лабораториско тестирање.

АХВ информира дека по завршувањето на контролата, јавноста ќе биде известена за утврдените активности и изречените мерки.

Екипа од техничар и епидемилог од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) сè уште се во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, по сомнежот за труење на ученици. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, кажа дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработени во училишната кујна, од работните површини, а земени се и мостри од храна и вода.

Јас сум во постојана комуникација со луѓето од нашиот тим во Институтот. Морам да кажам дека екипата сè уште не е вратена за да можам да добијам поконкретни информации, во очекување сме да пристигнат. Но, она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја конзумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата“, изјави Андоновска.

Поврзани вести