Skip to main content

Николоски: Настанот на УМС е најголем досега и доказ за растот на младинската организација

На денешниот настан организиран од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и Меѓународната демократска унија, потпретседателот Александар Николоски изјави дека се работи за еден од најзначајните настани што УМС ги организирала досега, нагласувајќи ја посветената работа на тимот предводен од Сергеј Попов.

„Ова е најголемиот настан реализиран од основањето на УМС. Меѓународната демократска унија е најголемото глобално семејство на центар-десни, конзервативни и центристички партии, а нејзиниот подмладок е најголемото политичко семејство од овој тип. Фактот што Скопје е избрано за домаќин, а УМС за организатор, говори многу за нивната посветеност“, рече Николоски.

Тој додаде дека ваквите настани се доказ за континуираниот развој на УМС и за поддршката што младите ја добиваат во делот на образованието, студентските политики и можностите за вработување.

„УМС е гордост на партијата. Најдобрите идеи и најквалитетните кадри во ВМРО-ДПМНЕ често доаѓале токму од оваа организација. Верувам дека оваа генерација има светла иднина. Низ дијалог со Европската народна партија ќе ги презентираме нашите постигнувања и планови. Работиме на реформи во образованието, поддршка за студентите, вработување на млади, обуки и подготовка за новите технологии“, истакна Николоски.

Поврзани вести