Skip to main content

Босна и Херцеговина со нови правила за странски возачи — ако направите сообраќаен прекршок во земјата, нема бегање

Странските возачи нема да можат да ја напуштат Босна и Херцеговина без да ги платат казните за сообраќајните прекршоци направени за време на престојот во земјата.

Агенцијата за идентификациски документи, евиденција и размена на податоци (ИДДЕА) известува дека разви модерна веб-апликација која сега ја користи Граничната полиција на БиХ и дека системот ќе ги промени правилата на играта на премините.

Полицијата во Босна и Херцеговина отсега во реално време има пристап до сите сообраќајни прекршоци што ги прават возила со странски таблички на нивна територија. Податоците се појавуваат веднаш, без доцнење, што овозможува побрза обработка на случаите, помалку гужва во системот и точно утврдување на возачите кои имаат заостанати долгови.

Во пракса, тоа значи дека никој со странски регистарски таблички нема да може да ја напушти земјата додека не ги подмири сите казни бидејќи ниеден прекршок повеќе не може да помине незабележано или несанкционирано.

Со овој модел, властите очекуваат значително да се намали бројот на неплатени казни, а возачите да бидат мотивирани построго да ги почитуваат правилата во сообраќајот.

Новата дигитализирана услуга ја приближува Босна и Херцеговина до современите европски стандарди каде што автоматизираните системи за надзор и управување со казни веќе одамна се практика.

Поврзани вести