Skip to main content

Мицкоски: 55.000 студенти ќе добијат по 15.300 денари за електронски уреди

Freepik

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги повика сите студенти во земјава да аплицираат на повикот за ваучер во вредност од 15.300 денари за набавка на електронски уред,

Денеска е објавен јавниот повик и ги повикувам сите студенти да аплицираат, мислам дека се 55 илјади на број. Тоа што го ветувавме тоа и го исполнуваме. Мислам дека секој студент добива 15.300 денари за набавка на електронски уред. Не сакавме како многу влади во минатото што го правеа тоа, да го направиме ова пред изборите за да не биде сфатено како ете поинакво однесувањ,е неетичко однесување од страна на Владата – рече премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставување на камен темелник за изградба на нова детска градинка во општина Гази Баба.

Чекавме, рече, изборите да завршат официјално, со одлука на ДИК, и да го објавиме овој повик и ги повикувам студентите да се пријават на јавниот повик кој, како што истакна, е отворен до 1 јануари 2026 година.

Од денеска е отворен Јавниот повик за доделување на вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди, кој се спроведува преку Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk.

Сите студенти може да аплицираат најдоцна до 20 декември 2025 година, а реализацијата на ваучерите, односно подигањето на уредите, може да се изврши до 31 декември 2025 година. Од Министерството за дигитална трансформација појаснуваат дека за студентите кои се во евиденција на Министерството за образование и наука при аплицирањето не е потребно да прикачуваат никакви документи. Тие, исто така, го појаснуваат и процесот за аплицирање за студенти кои не се во евиденција на Министерството за образование и наука, и во овој случај, студентот е должен да прикачи потврда за редовен/вонреден студент, издадена од високобразовната установа во која е запишан.

По успешно комплетирање на апликацијата, системот генерира Вредносен ваучер. Со ваучерот, документ за идентификација и потпишана Изјава за искористен ваучер, студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор најдоцна до 31.12.2025 година.

Поврзани вести