Skip to main content

Филков: Секој потрошен денар во судството мора да биде оправдан со резултати – побрзи постапки, поголема доверба и поквалитетни судски одлуки

Точно е дека Европската комисија на одредени недостатоци. И тоа се реални проблеми, кои не се решаваат со едноставна административна одлука, туку бараат системски пристап, долгорочна стратегија и координација меѓу сите институции. Сето ова е констатирано и по спроведениот надзор во судовите од страна на Комисијата за надзор на АКМИС што е формирана во рамки на Министерството за правда и јас наскоро ќе излезам со извештај во кој ќе бидат детектирани сите проблеми, вели министерот за правда Игор Филков во интервју за МИА.

Но, исто така мора да кажеме нешто што често се премолчува: финансиската независност не значи финансиска неограниченост. Таа мора да оди заедно со одговорност, транспарентност и рационално трошење. Секој потрошен денар во судството мора да биде оправдан со резултати – побрзи постапки, поголема доверба и повисок квалитет на судските одлуки, истакнува Филков во интервјуто во кое говори и за потребата од носење нов Кривичен законик, клучни закони кои се дел од Реформската агенда, за измените на Изборниот законик и за судењето за пожарот во „Пулс“ .

Европската комисија го објави Извештајот за напредокот на државата во 2025 година каде во делот судство и фундаментални права е констатирано дека нема напредок и дека независноста и непристрасноста на судството треба да се подобрат. Сериозна загрижност е изразена и од надворешното или политичкото мешање. Можете ли да прецизирате за што точно се работи, бидејќи, наспроти ова, впечатокот е дека во последнава година не постои никакво влијание на извршната власт врз судството?

Извештаите доаѓаат и си одат веќе 20 години. Она што е битно е дека реформите се започнати. Ме изненадува фактот што при користење на методологијата се бележи само датумот за конечна реализација, а од нас во процесот се бара да известуваме за сите преземени чекори, а притоа, ништо од тоа не е нотирано во конечниот Извештај. Затоа е битно да се напомене дека во изминатите 18 месеци Министерството за правда ги подготви и достави во владина процедура: Законот за судски совет, Законот за измени на плати на судии, Законот за измени на Законот за плати на јавни обвинители, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за плати на членови на Судски совет, Законот за плати на членови на Совет за јавни обвинители, Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи, Законот за парнична постапка, Законот за процена, Законот за вештачење, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во финална фаза на подготовка се и други закони: за помилување, за пробација, за заштита на лични податоци, за конфискација на имот во граѓанска постапка и други.

Правиме длабоки, структурни промени кои не можат да се измерат само со квантитативни индикатори или со перцепции.

Извештајот на Европската комисија е само поттик за Министерството за правда да продолжи активно да работи на постигнување на европските стандарди во насока на спроведување на реформите.

На кој начин Министерството за правда планира да се справи со критиките на Извештајот?

Прво, важно е да се истакне дека најголем дел од забелешките во Извештајот се однесуваат на правосудството во целина. Заради тоа, мора да направиме јасна дистинкција помеѓу правосудство и Министерство за правда: Министерството за правда не е судство, ниту јавно обвинителство. Министерството не суди, не обвинува и не одлучува по предмети – тоа е исклучива надлежност на судската власт и обвинителството. Нашата улога е друга, но подеднакво важна: да создадеме стабилна, фер и современа правна рамка во која судиите и обвинителите ќе можат да работат независно, професионално и без притисок.

Целта не е само да ги менуваме законите, туку преку нив да се врати довербата на граѓаните во правдата и државата.

На пример, за процесите што ги спроведуваме, како што е Законот за парнична постапка во Извештајот е наведено дека нема напредок. Напротив, тој е подготвен и е во владина процедура, а се очекува наскоро да влезе и во собраниска процедура.

Во овој контекст би споменал дека стапката на реализација на Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028 година во првата приоритетна област- судството и јавното обвинителство и во втората приоритетна област – институции на правосудниот систем е над 80 отсто, а оценката во Извештајот е дека постои само ограничен напредок.

Ако сакаме реална проценка на напредокот, тогаш мора да се гледа контекстот, темпото на реформи и резултатите што ги создаваат овие процеси во пракса, не само формално на хартија.

Една од забелешките на ЕК беше и потребата од носење нов Кривичен законик. Впрочем и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски најави можност Уставниот суд да донесе мериторна одлука за спорните измени од 2023 година доколку не се корегираат забелешките со најавеното ново законско решение.

Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Но, притоа мора да се внимава со изјавите и ставовите за да не се добие впечаток во јавноста дека се користат за дневно политиканство.

Во однос на Кривичниот законик, се врши дополнително усогласување со четири нови европски директиви — Директивата за заштита на животната средина преку кривично право (EcoCrime), Директивата за семејно насилство и насилство врз жените, Директивата за поврат на средства и конфискација, како и Предлог-директивата за борба против корупцијата. Овој процес истовремено се одвива и во голем број од државите членки на ЕУ. По финалното усогласување, Кривичниот законик ќе биде доставен во владина процедура. Се утврдува и ново кривично дело во врска со злоупотреба на снимка, фотографија, аудио запис со сексуално експлицитна содржина, каде се инкриминирани и видеа креирани со вештачка интелигенција познати како deep fake. Истовремено се врши и ревидирање на посебните кривични дела поврзани со проектот „Безбеден град“, како што е кривичното дело Безобзирно управување со моторно возило.

Целта на Министерството за правда е јасна: да создадеме нов, модерен и кодифициран Кривичен законик, во кој ќе бидат инкорпорирани сите релевантни меѓународни стандарди и инструменти, за да се зајакне правната сигурност на граѓаните, а практичарите – судиите, обвинителите и адвокатите да имаат јасен и применлив закон, без недоречености и контрадикторности.

Овој документ ќе биде суштинска трансформација на казненото право: со јасни дефиниции, правична рамнотежа на санкции, елиминирање на правната несигурност и создавање рамка во која селективната правда станува невозможна.

Ова е чекор што ќе ја обележи новата етапа во реформата на правосудството и ќе ја утврди Македонија како држава што знае да ги следи европските стандарди, но и да гради сопствена правна стабилност.

Во владина процедура  доставивте неколку клучни закони кои се дел од Реформската агенда меѓу кои Законот за Судски совет, Законот за јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвинители. Во која насока се движат овие закони и дали со тие законски решенија ќе се создаде основа за зголемување на довербата во правосудството, која сега изнесува два отсто?

Законот за Судски совет веќе е доставен во владина процедура, додека законите за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители веќе се подготвени и ќе се достават во владина постапка. Овие закони го поминаа и филтерот на Венецијанската Комисија која даде позитивно мислење со одреден број препораки кои се инкорпорирани. Тие ќе бидат темелите на новата архитектура на правосудниот систем и се клучни за да обезбедиме вистинска независност, отчетност и професионализам.

Законските решенија се резултат на долга, внимателна и инклузивна подготовка со активно учество на експерти, судии, обвинители, академска јавност и меѓународни партнери. Не изготвуваме закони зад затворени врати, туку низ јавен, транспарентен и стручен процес, затоа што само така можат да бидат трајни и кредибилни.

Со новите решенија го зајакнуваме интегритетот на Судскиот совет, воведуваме јасни механизми за одговорност и професионална проценка на судиите, како и гаранции против можни влијанија или злоупотреби. Истовремено, со новиот Закон за Јавно обвинителство се зајакнуваат критериумите за избор, разрешување и одговорност на обвинителите.

Законот за Совет на јавни обвинители, пак, е клучен за воспоставување систем на реална, а не формална самостојност преку воведување јасни и прецизни критериуми за именување и разрешување на јавните обвинители, но и на претседателот и на членовите на Советот. Јас сум уверен дека овие закони ќе бидат изгласани, бидејќи претставуваат тест за целото општество – дали сме подготвени конечно да изградиме правосудство кое е независно во суштина, а не само на хартија.

Европската комисија во Извештајот има забелешки и во однос Изборниот законик. Измените изминативе години се вршеа често и непосредно пред изборните циклуси. Дали сметате дека е време за нов Изборен законик?

Изборниот законик е законско решение кое од моментот на неговото донесување заклучно со овие избори има претрпено околу 40 измени кои поради нивниот парцијален пристап создаваат неконзистентност на целиот закон. Токму затоа Министерството за правда смета дека е неопходна целосна реформа и изработка на нов Изборен законик во кој ќе бидат вградени препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Сите досегашни измени на Изборниот законик се направени преку групи на пратеници во Собранието, а сите обиди за целосна негова ревизија завршија неуспешно.

Европската комисија констатира и дека судството се соочува со недостиг на кадар и финансиска независност. Впечаток е дека ова не е сосема коректна забелешка. Но, дали со новите законски решенија ќе дојдеме до ситуација во која судиите и обвинителите ќе имаат до 300.000 денари нето плата.

Точно е дека Европската комисија укажува на два сериозни предизвици – недостиг на кадар и недоволна финансиска независност на судството. И тоа се реални проблеми, кои не се решаваат со едноставна административна одлука, туку бараат системски пристап, долгорочна стратегија и координација меѓу сите институции. Недостасуваат судии, обвинители, судска служба, јавнообвинителска служба, записничари, информатичари. Нема соодветна опрема, просторни услови, средства за спроведување на процесот на дигитализација. Со години наназад пополнетоста на судовите и јавните обвинителства се намалува и во 2025 година изнесува под една третина од предвидените систематизации. Сето ова е констатирано и по спроведениот надзор во судовите од страна на Комисијата за надзор на АКМИС што е формирана во рамки на Министерството за правда и јас наскоро ќе излезам со извештај во кој ќе бидат детектирани сите проблеми.

Како пример би го посочил Вишиот Управен суд каде од вкупно 13-те предвидени судиски места пополнети се шест, додека судската служба функционира само со 15 од предвидените 64 места. Судот има само еден полицаец, а кога тој користи годишен одмор, обезбедување нема. Судовите во Крушево, Берово и Виница имаат невозможни услови за работа поради недостиг на судии и вработени. Основниот суд Кочани, кој е со проширена надлежност од 10 систематизирани места, пополнет е со шест судии, судскиот администратор и осумте вработени судски службеници (потребни се 40), постојано дежурале за да одговорат на предметите кои произлегле од пожарот во Кочани. Слична е состојбата и во Основниот суд Битола. Овие проблеми мора да се надминат. Министерството за правда е свесно за тоа и токму затоа изготвени се и пуштени во владина процедура законски решенија за судска служба и јавнообвинителска служба. Паралелно се работи и на Закон за судови, Закон за судски буџет и Закон за Академија за судии и јавни обвинители, со цел сеопфатно да се создаде соодветна правна рамка за надминување на недостигот на судии, обвинители и нивните стручни служби.

Но, исто така мора да кажеме нешто што често се премолчува: финансиската независност не значи финансиска неограниченост. Таа мора да оди заедно со одговорност, транспарентност и рационално трошење. Секој потрошен денар во судството мора да биде оправдан со резултати – побрзи постапки, поголема доверба и повисок квалитет на судските одлуки.

Јавноста со нетрпение го чека почетокот на судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката ,,Пулс“ во Кочани најавен за 19 ноември. Очекувате ли објективност и фер судење со оглед на ниската доверба на граѓаните во судството и јавното обвинителство?

Пред самиот почеток на судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани апелирам до целокупната македонска јавност, сите политички чинители, јавни функционери, судии, обвинители, адвокати, да пристапиме на процесот со ладна глава и да не се дозволи да ни се случува медиумски спектакл каде што судскиот процес ќе ни се одвива по паркови и тротоари наместо во судници каде што му е местото. Тоа е обврска на сите учесници во процесот, без влијание, без притисоци и без политиканство.

Би сакал да напоменам да не се дозволи ниту предвремена осуда ниту, пак, виктимизација на која било од засегнатите страни. Јавноста очекува објективен и транспарентен процес во кои што државата ќе гарантира дека жртвите и граѓаните ќе добијат вистинска правда, а законот ќе важи подеднакво за сите.

Поврзани вести