Skip to main content

Иницијативи за Државното музичко училиште во Битола да го добие името на Кирил Македонски или на Михајло Николовски- Ѓумар

Во годината кога Македонија одбележува сто години од раѓањето на големиот композитор Кирил Македонски, неговото име повторно се споменува со голема почит во јавноста. До Државното музичко училиште во Битола пристигнаа иницијативи за негово именување по овој великан на македонската музика, кој со своето творештво оставил длабок белег во културната историја на земјата.

Иницијативите ги поднеле д-р Пламенка Македонска, ќерка на композиторот и претставник на семејството Македонски, како и НУ Завод и музеј – Битола, институцијата во која неодамна беше предаден голем дел од легатот на композиторот. Семејството на Македонски му подари на музејот повеќе од 500 книги од семејната библиотека, 30 регистратори со ретки документи, семејни фотоалбуми, партитури, либрета, музички инструменти и лични предмети, кои сведочат за животот и делото на авторот на првата македонска опера „Гоце“.

Покрај семејството, иницијативата за именување на музичкото училиште по Кирил Македонски ја поддржуваат бројни културни институции: Македонската опера и балет, Народниот театар – Битола, НУ Завод и музеј – Битола, Државниот архив на РСМ – одделение Битола, Ректорот на УКЛО, Центарот за култура – Битола, како и неколку поранешни ученици на училиштето, денес истакнати музички уметници.

Паралелно, пристигна и иницијатива училиштето да го носи името на композиторот Михајло Николовски – Ѓумар, исто така значаен музички уметник и поранешен директор на училиштето.

Директорката на Државното музичко училиште, Марија Шамоска-Буџаковски, во својата изјава за веб-порталот Апла.мк, истакнува дека училиштето е подготвено да го прифати предлогот што ќе го добие најширокиот општествен консензус:

Убаво е училиштето конечно да добие име кое ќе ја одразува неговата традиција и значење. Од 1947 година, кога беше формирано, Државното музичко училиште – Битола не е именувано, и сметам дека дојде време тоа да се промени“, вели Шамоска – Буџакоски.

Поврзани вести