Skip to main content

Пет кратки филмови, пет женски визии за инспиративни регионални приказни во рамките на проектот „Кадар-на“

Во рамките на „Кадар-на“ / Her Frame, на 29 октомври во Кино салата на Вардар филм во Скопје со почеток во 14 часот ќе се одржат проекции на регионални кратки филмови, дел од нив во режија на учеснички на програмата. После проекциите планирано е да се одржи Q&A сесија со авторките на филмовите.

Филмовите кои ќе може да се погледнат се: Сенките на месечината (2025) – во режија на Тина Величковиќ, Река (2024) – во режија на Угљеша Ранисављевиќ, продуцентка Милена Бркиќ, Кутии (2023) – во режија на Ангела Димеска, Интермецо (2021) – во режија на  Вишња Сретеновиќ и Северен Пол (2021) – во режија на Марија Апчевска.

Проектот „Кадар-на“/ Her Frame го спроведува ИФФК „Браќа Манаки“ заедно со Филмскиот фестивал Нови Сад, во организација на Културниот центар на Нови Сад од Србија, со цел да инспирира нова генерација жени во креативните индустрии и да придонесе за родовата рамноправност на Западен Балкан, како поддршка на иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор. За таа цел беше отворен повик за менторска програма за млади филмски работнички кои сакаат да се усовршат. По приемот на многубројните пријави од целиот Западен Балкан, избрани беа 16 млади филмски режисерки и медиумски уметници во подем да учествуваат во програмата „Her Frame“.

Во текот на програмата, учесничките работат со водечки професионалки од филмската индустрија преку онлајн работилници, мастер-класови и индивидуално менторство. Покрај тоа, присуствуваа и на конференциите што се одржуваа како дел од филмските фестивали во Нови Сад и во Битола во текот на месец септември. Во последната фаза, избраните учеснички ги претставија своите проекти пред менторите преку pitch сесии, па врз основа на овие презентации, беа избрани четири финалистки на програмата „Кадар-на“/ Her Frame, кои продолжија да ги развиваат своите проекти преку индивидуални, менторски работилници.

Четирите финалстки се: Ивона Ѓорѓиовска Кузманоска со менторката Сања Поштиќ (Сценарио за анимирани филмови), Тина Величковиќ со менторката Драгана Тешиќ (Продукција и Дистрибуција), Ангела Димеска со менторката Дина Дума (Режија) и Вишња Сретеновиќ со менторката Бојана Андриќ (Кинематографија).

Проектот Her Frame ќе заврши во Нови Сад во средината на ноември, со презентациа на четирите проекти пред поширока јавност.

Проектот е поддржан од Британскиот совет во рамките на иницијативата „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансирана од Европската Унија. Програмата има за цел да го поттикне регионалниот дијалог преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социоекономско влијание.

Поврзани вести