Skip to main content

Цената за изминат километар на приватните превозници се зголемува за 20 денари

Со 28 гласа „за“, ниту еден „против“ и еден „воздржан“, советниците на Град Скопје доцна вечерва ја изгласаа Одлуката за утврдување на вредност на надомест за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот – остварен километар. Приватните превозници ќе дабијат зголемување од 20 денари за изминат километар со Анекс на договорот од 1 јануари наредната година и цената ќе важи до мај, кога истекуваат нивните постоечки договори. Ваквото зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници ќе биде дел од следниот Буџет на Град Скопје, кој денеска беше изгласан.

Приватните превозници побараа зголемување без да прецизираат за колку, а претходно на средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ договорија зголемувањето да биде 30 денари. Ваквата цена не беше прифатлива за градската администрација, бидејќи била изгласана без никаква пресметка и анализа според законска формула. Во период од две недели беше изработена анализа по која вечерва и гласаа советниците.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски истакна дека нивната советничка група ќе ја поддржи Одлуката и ги повика советниците од другите политички партии да дадат поддршка. Посочи дека приватните превозници заслужуваат поголема сума по остварен километар.

По некои анализи ние предложивме 30 денари со кои тука се усвои заклучок за цената по изминат километар за приватните превозници. Сакам да знаете дека ние како советници се чувствуваме и по малку омаловажени од страна на Секторот за совети од Градот Скопје и од Кабинетот за нефункционирањето на службите и непочитта кон нас да се донесе заклучок донесен од советниците. Мислам дека не заслужуваат само 20 денари зголемување. Заслужуваат многу повеќе зголемување по изминат километар, рече Стојановски.

Според координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, ова е единствениот легитимен начин на кој што легално и легитимно може да им се помогне на приватните превозници.

Поврзани вести