Skip to main content

Ивановска: Нема да ги повикувам граѓаните да гласаат за еден или друг кандидат за градоначалник на Центар

Секој граѓанин кој има право на глас е здраворазумен и има одговорност кому ќе го даде својот глас, порача кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција заедно со избраните советници од граѓанските иницијативи обединети во платформата „Независни заедно“. Ивановска, за која изборната трка заврши во првиот круг од изборите, кажа дека нема да ги повикува граѓаните кои гласале за неа, да дадат поддршка за еден од двајцата кандидати во вториот круг на локалните избори.

Кој и да победи во битката за градоначалник на Центар, според Ивановска, треба да носи одлуки во полза на сите, доколку вистински се залага да го заштити јавниот интерес.

„Голем број граѓани препознаа вредности и без особени кампањи, затоа што тоа се свесни граѓани кои наместо секојдневно да негодуваат за проблеми, преземаат акција за промени, преземаат одговорност за својот живот. Кој и да победи, доколку вистински се залага да го заштити јавниот интерес, треба да носи одлуки во полза на сите и да го заштити уставно загарантираното право за здрава животна средина и активното учество на граѓаните во креирањето и донесувањето на одлуките,“ кажа Ивановска.

Ивановска додаде дека граѓаните очекуваат одговорни политики и транспарентност во одлуките на локалната власт, укажувајќи на потребата од ревизија и усогласување на Деталните урбанистички планови со Генералниот урбанистички план.

„Укажуваме дека е неопходно да се ревидираат, изменат и дополнат Деталните урбанистички планови, кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план. Да не се издаваат дозволи за градба врз основа на Детални урбанистички планови, чии параметри, на пример густина на население, се поголеми од предвидените во Генералниот план. Издадените дозволи да бидат јавно објавени на мапата која што „Шанса за Центар“ доброволно ја направи и ќе ја стави на располагање на Општината, која што ќе треба само да ја одржува. Ние направивме мапа и во моментот има над 150 градби во општина Центар, “ додаде Ивановска.

Ивановска, посочи и на потребата од итни мерки за безбедноста и здравјето на учениците, меѓу кои обезбедување безбедни училишни коридори и воведување редовна физичка активност или пливање за секое дете, особено за оние во социјален ризик. Таа нагласи и дека треба да се преземат мерки за заштита од климатски промени и зачувување на зеленилото, предупредувајќи на последиците од уништувањето на Водно и урбанизацијата околу Вардар.

„Јавно ги повикувам кандидатите да се обврзат дека овие мерки ќе ги применуваат. Нашите советници ќе делуваат конструктивно, ќе соработуваат за сите проекти од интерес на граѓаните, но ќе бидат и гласни критичари за сите сомнителни одлуки,“ порача Ивановска.

Поврзани вести