
Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, учествуваше на регионалната средба во Скопје организирана во рамки на проектот WB DAIC (Western Balkans Digital Asset Investigation Capacity), посветен на унапредување на капацитетите за истраги поврзани со дигитални средства и борба против крипто-криминалот.
Средбата претставуваше можност за размена на искуства, стратегии и најдобри практики меѓу претставници на земјите од Западен Балкан и експерти од Обединетото Кралство – особено од ERSOU (Eastern Region Special Operations Unit) и Националната агенција за криминал (NCA).
Во рамки на дискусиите беше разгледан британскиот модел за формирање специјализирани крипто-единици, заплена на дигитални средства и воспоставување ефикасна меѓуагенциска соработка. Преку интерактивни сесии и студии на случај, учесниците добија увид во начини за практична имплементација на стекнатите знаења во наредните шест до дванаесет месеци.
Директорот Јанев нагласи дека техничката експертиза, институционалната поддршка и соодветната правна рамка се предуслови за долгорочни и одржливи резултати во борбата против дигиталниот и крипто-криминалот.
На маргините на настанот, Јанев оствари и средба со директорот на косовската полиција, Газменд Хоџа, на која беше разговарано за унапредување на соработката меѓу двете институции во областите на безбедноста, борбата против организираниот криминал, прекуграничниот криминал со дрога и сајбер-криминалот.
Посебно беше истакната ефикасноста на „one stop“ системот и позитивните резултати од работата на заедничките истражни тимови, како и можностите за понатамошно распоредување и координација во обезбедувањето на зелената гранична линија.
Само преку заеднички и партнерски пристап можеме да се справиме со заканите кои ги носат современите форми на криминал. Безбедноста во регионот мора да се темели на доверба, координација и постојана размена на информации“, истакна директорот Јанев.