Skip to main content

Нема веќе евтини нарачки: Се воведува ДДВ за сите пратки од Тему и Алиекспрес

Владата на Република Македонија го достави до Собранието Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ), со кој се предлага укинување на досегашното ослободување од плаќање ДДВ при увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, испорачани од странство кон домашни примачи.

Со новите измени, ослободувањето ќе важи само за мали пратки од некомерцијална природа, испратени од физичко лице до физичко лице, доколку нивната вредност не надминува 22 евра во денарска противвредност. Исклучени се пратки што содржат алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми, тоалетни води, како и тутун и тутунски производи.

Ова значи дека онлајн купувањата од странски веб-страници, без разлика на вредноста, ќе бидат предмет на оданочување со ДДВ, што ја усогласува земјата со европската пракса, имајќи предвид дека Европската унија уште во 2021 година го укина истиот праг за ослободување.

Иако Предлог-законот е веќе поднесен во Собранието, поради тековните локални избори не може да се стави на гласање во овој момент. Според најавите од Министерството за финансии, се очекува измените да бидат разгледани и изгласани на собраниска седница кон средината на ноември, веднаш по завршувањето на изборниот процес.

Од Министерството за финансии посочуваат дека измените нема да имаат негативни фискални последици врз Буџетот, ниту ќе бараат дополнителни финансиски средства за спроведување. Сепак, експертите предупредуваат дека поштенските оператори и Царината ќе се соочат со зголемен број пратки што ќе треба да бидат обработени со ДДВ-обврска, што може да создаде административен притисок.

Со измената на член 27-б од Законот за ДДВ се додава нова точка (2-а) и се брише старата точка (26-а), со што се затвора можноста за ослободување на пратки до 22 евра од странство.

Со укинувањето на ослободувањето од ДДВ, на удар ќе бидат најмногу малите пратки од платформи како Temu, Shein, AliExpress и слични онлајн продавници, преку кои македонските потрошувачи најчесто нарачуваат евтини производи под 20 евра. Овие пратки досега пристигнуваа без дополнителни давачки, но со новите измени ќе мора да минат царинска постапка и да се пресмета ДДВ, што ќе ја зголеми конечната цена за купувачите и може да го намали интересот за вакви нарачки.

Новите одредби ќе стапат во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, по нивното усвојување од страна на Собранието.

Поврзани вести