Skip to main content

Мицкоски: Најмоќната одлука е наједноставна – да го избереш својот човек

Во Сопиште денеска на народен митинг беа претставени кандидатите за советници и кандидатот за градоначалник на општина Сопиште, Јане Мицевски. Обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Владата на РМ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски во говорот се осврна на резултатите што, како што рече, ги постигнала неговата влада во изминатиот период. Тој посочи дека пензиите се зголемени за 5.000 денари, а платите во образованието ќе пораснат за најмалку 46% во следните четири години. Во здравството, според него, платите се зголемени за 10 проценти, со план за дополнителен раст од 40 до 50%, како и вработување на 300 млади доктори и специјализанти.

Во делот на економијата, премиерот нагласи дека се обезбедени 250 милиони евра за развој на стопанството со камата од 1.95%, како и дека земјата постигнала рекордни 1.2 милијарди евра странски инвестиции кои отвориле 2.800 нови работни места.

– Отворивме фронт против криминалот и корупцијата, со докази, чекор по чекор. Сите наши градоначалници завршија мандат без скандали и со чист образ, рече Мицкоски.

Тој додаде дека се изградени и реконструирани над 770 километри улици, булевари и патишта вредни над 100 милиони евра, модернизирани повеќе од 400 училишта, а во завршна фаза се изградбата на 274 спортски и детски терени, 12 пречистителни станици и 7 пазари од затворен тип.

Во завршницата на говорот, Мицкоски порача дека „понекогаш најсилниот збор се делата“ и дека вистинскиот избор за општината Сопиште е Јане Мицевски, кого го опиша како „чесен, скромен и посветен човек со енергија за развој“.

– Јане ќе има моја лична поддршка да работи за иднината на Сопиште. Бидете сложни и обединети, само со заедништво можеме да победиме, порача премиерот.

Поврзани вести