
Западнонилскиот вирус е потврден и кај угината птица, гавран, во период кога бројот на заразени луѓе во Македонија се искачи на 43, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Регистрирани се и први случаи во општините Центар и Чаир. Во Скопскиот Регион има 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични. Досега се починати четири лица.
Станува збор за првата угината птица кај која лабораториски е потврден вирусот во актуелната епидемија. Во изминатите денови Агенцијата за храна и ветеринарство добила околу стотина пријави за мртви птици, најголем дел од загрижени граѓани. АХВ претходно предупреди дека една угината птица сама по себе не значи дека е заразена, но поголем број угинати гаврани или други диви птици на исто подрачје треба да се пријават.
Сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Скопје бидејќи има голем број дојави за угинати птици. Тие се собираат од Агенцијата за храна и ветеринарство и помагаат во натамошното оценување на ризикот“, рече Клековски.
Птиците се клучен дел од природниот циклус на западнонилскиот вирус. Вирусот циркулира меѓу дивите птици и комарците, а човекот најчесто се инфицира преку убод од заразен комарец. Луѓето не се главен извор за натамошно ширење на инфекцијата.
Надлежните во моментов имаат мапирано 34 ризични подрачја во Скопската Котлина, од кои 13 се оценети како високоризични. Главниот проблем се местата каде подолго време стои вода и има органски отпад, услови погодни за размножување на комарците.
Меѓу најризичните се каналите во Скопско Поле, Идризово, Стајковци, Сингелиќ, Гази Баба, Драчево, Батинци и Студеничани, како и делови од Серава во Радишани и Бутел. На листата се додадени и населби со голем број септички јами, гробишта каде во вазните се задржува вода и отпади со стари автомобилски гуми.

Ризик можат да претставуваат и многу помали извори на застоена вода, како саксии, канти, стари буриња со дождовница и неисправни хидранти.
Здравствените власти препорачуваат граѓаните да ја отстрануваат застоената вода околу домовите, да користат репеленти, мрежи на прозорците и подолга облека, особено во зори и во самрак кога комарците се најактивни.
Првото ларвицидно прскање во град Скопје е на 7 мај. Во врска со критериумите за ризичност министерот за здравство Сашко Клековски рече дека во основа се два: застојаност на водата и високо ниво на органска материја.
Река која е проточна, која има риби, сама по себе не е ризик, бидејќи штом водата е проточна, ризикот од ларви во неа е помал, а ако има жив свет, риби, значи нема многу органски материи, распадни материи, а и рибите се хранат со ларви. Значи, треба да е застоена и да има отпад во таа вода. Примерите на високоризични се, генерално, каналите за наводнување во Скопско Поле, ископи или мртви делови од ископи од песок, кои се наполнети со вода, или мртви делови од реките. Некои од нив се: Серава, која е дел од проблемот во Арачиново и Бутел; каналите во Јурумлери, Стајковци, Сингелиќ во Гази Баба; главниот канал на Водостопанството „Скопско Поле“; каналите во Драчево; каналите во Батинци, Студеничани. Висок ризик се септичките јами. Улиците и населените места со голем број септички јами влегуваат во висок ризик, гробиштата поради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив и отпадите за стари гуми или, генерално, старите гуми. Старите гуми и отпадите за стари гуми, ако не се соодветно чувани, се идеални престојувалишта за комарците – рече Клековски.
Исто така, појасни, ризик се и расипани хидранти, саксии со цвеќе надвор што се чуваат, стари буриња со дождовница итн., односно ризикот е застоена вода.
Едно од прашањата што беше разгледано е дали е ризик наводнувањето на парковите. Прскањето на парковите, ако тоа правилно се работи, не е ризик. Меѓутоа, ако се остави цревото и се поплави подрачјето, мократа земја секако може да биде ризик. Скршените јавни чешми исто така претставуваат одреден ризик. Некои од овие високоризични зони веќе се обработени и се третираат. Драчево и каналите во Гази Баба веќе беа третирани. Во тек се третмани и на други подрачја. Сите општини добија задача теренски да ја проверат состојбата. На пример, езерото Треска – рекреативното езеро Треска, ако нема вода, не е ризик, меѓутоа ако има формирано лагуни, е ризик, така што Општина Сарај презема обврска да ја провери актуелната состојба на терен – рече Клековски.
Потенцира како се додаваат високоризичните места, а тоа ќе се прави со геомапирање, ќе организираме прскање на тие места, а бидејќи Центарот за јавно здравје е одговорен за најголем дел од подрачјето на град Скопје за земјеното прскање и е со ограничен капацитет, денеска се сретнале со претставници на здружението „Пест контрол“, кои ставаат на располагање 12 возила и пет дрона за земјено прскање како општествена одговорност од нивна страна.
Завршува првиот круг на информирање преку СМС, посочи министерот, и додаде дека во комуникација со Центарот за јавно здравје ќе се одлучи дали ќе се прошири зоната на информирање земајќи ги предвид новите случаи во Центар и Чаир.
Западнонилската треска точно дека потекнува од Африка, меѓутоа во моментот е распространета надвор од Африка: во Европа, Северна Америка, Јужна Америка. Значи, вирусот одамна го напуштил своето природно живеалиште. Значи, вирусот не доаѓа од Африка да ги погоди само медитеранските земји, тој е широко распространет. Втората работа е дека епидемиите, и тоа епидемиологот на минатата прес-конференција го говореше, немаат правила. Албанија минатата година имаше над 100 случаи, оваа година има три случаи. Во Италија во последните 10 години има години со 50 случаи, има и години со 750 случаи. Сигурен сум дека во Ломбардија, во Милано и во Венеција прскале секоја година на истиот начин – наглси Клековски.
Кај околу 80 проценти од заразените инфекцијата поминува без симптоми или со многу лесни симптоми. Околу 20 проценти може да развијат температура, главоболка, слабост, повраќање или осип, додека кај помалку од еден процент се развива тешка невроинвазивна форма со енцефалитис или менингитис.

Македонски


