
Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на мерки согласно фаза 3 од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението 2025–2030.
Активираме сѐ што е потребно за да го заштитиме населението. Оваа фаза содржи координирани активности на повеќе институции со цел минимизирање на ризиците од високите температури врз здравјето на граѓаните – порачуваат од Владата.
Се задолжуваат сите министерства, државни органи и надлежни институции активно да ги спроведуваат мерките и препораките. Исто така, тие треба веднаш да ги координираат сите подрачни служби, јавни установи и други правни субјекти за спроведување на одредбите од фаза 3.
Министерството за здравство, во координација со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), ќе има обврска редовно да ја информира јавноста за состојбата со топлотниот бран.
Јавната комуникација е клучна. Ќе ја засилиме транспарентноста и навременото известување за температурните екстреми – велат од Владата.
Сите здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции треба веднаш да ги активираат своите интерни протоколи за вонредни состојби.
Во делот на работните услови, Владата препорачува:
– Одложување на работните процеси во периодот од 11:00 до 17:00 часот за работниците кои се изложени на директна сончева топлина;
– Воведување работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е можно;
– Создавање микроклиматски услови за работа – простории со температура до 25°C;
– Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години доколку нема услови за прилагодување на работниот простор.
– Наш приоритет се работниците. Никој не смее да биде оставен без соодветна заштита на своето работно место – истакнуваат од Владата.
Во социјалниот сектор, центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст треба да ја зголемат теренската поддршка, особено за осамени, стари и бездомни лица.
Образовните установи, вклучително и детските градинки, ќе мора да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
– Грижата за најмалите е врвен приоритет – секоја активност ќе биде приспособена на новите климатски услови – велат од владиниот кабинет
Градовите ќе имаат обврска да обезбедат климатизиран јавен превоз во текот на целиот ден, а јавните простории и установи мора да овозможат пристап до разладени простории за граѓаните.
Граѓаните ќе имаат пристап до климатизирани простори и превоз – нашата задача е тие да бидат безбедни и информирани – порачуваат од Владата.