Skip to main content

Социјални работнички, пожарникари и преживеани од пожар во Шведска ќе ги пренесат сопствените искуства на настаданите во пожарот во Кочани

МИА

Под мотото „Пат на заздравување“ седумчлена делегација од градот Гетеборг во Шведска пристигна во Кочани и ќе даде своја поддршка по трагичниот пожар во клубот „Пулс“.

Во тимот има социјални работнички, пожарникари и преживеани од сличен пожар во дискотека што се случил во Шведска, а во контакти со семејствата на настраданите и со граѓаните на Кочани тие ќе ги пренесат сопствените искуства од заздравувањето и рехабилитацијата по несреќата.

Активностите се во рамки на Програмата за помош на настраданите во пожарот, иницирана и поддржана од Амбасадата на Кралството Шведска и „Europe House“, а во реализација на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ со поддршка од Општина Кочани и SupportKocani.

На промоцијата на Програмата во Кочани, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин нагласи дека искуствата од вакви трагедии се слични, а иако се случиле во две различни држави, болката и последиците се исти.

Трагедија од вакви размери претставува траума не само за настраданите и нивните роднини, туку и за општеството во целина. Луѓето во тимот од Гетеборг не се експерти, ниту професионалци, туку нормални човечки суштества кои биле во ситуација да ја почувствуват болката и страдањата што и вас ве погодија. Тие ќе ги споделат своите искуства за надминување на последиците, а како што вели Ларс Ренмарк: ако не ја искористиме нашата трагедија за да им помогнеме на другите, таа ќе остане само трагедија, истакна амбасадорката Ларсон Џеин.

Благодарност за поддршката во име на граѓаните на Кочани и семејствата на настраданите изрази в.д. градоначалникот Венко Крстевски.

Три месеци Кочани живее во длабока емотивна, психичка и криза во управувањето со секојдневието. Процесот на закрепнување е подлабок и подолготраен отколку што можеме да си замислиме. Добро е што не сме осамени на тој пат, кој жителите на Гетеборг го поминале пред 27 години, а со искуствата стекнати во тој процес очекуваме да ни помогнат. Затоа, ви благодариме на сите, особено на Кралството Шведска, за програмата за поддршка на настраданите во пожарот, за организацијата и реализацијата на активностите со кои заеднички ќе забрзаме по патот на заздравувањето, истакна Крстевски.

Шведската делегација во Кочани ќе има тридневни активности со споделувања искуства, отворени и затворени сесии и јавна панел дискусија. За потребите на граѓаните и на семејствата на настраданите ќе биде поделен преводот на книгата „Како редење сложувалка“ чии автори биле дел од трагедијата во Шведска, а во која се собрани искуствата и случувањата по трагичниот настан.

На 29 октомври 1998 година во дискотека во Гетеборг се случил пожар со сличен трагичен исход како и во „Пулс“. На забавата присуствувале 375 луѓе, иако имало капацитет за 150, а притоа загинале 63 млади лица и 213 биле повредени.

Поврзани вести