
Покрај убавото време и првите сончеви денови, пролетта секоја година сè повеќе носи и не толку убави појави. На прво место тука се крлежите, чии бројки постојано растат. Една од главните причини за тоа е глобалното затоплување – повисоките просечни температури и зголемената влажност на воздухот им одговараат на крлежите, па тие сега се појавуваат и на места каде што порано не можеле да преживеат, како што се Канада и Русија, пишува „Е-клиника“.
За жал, повеќе крлежи значи и повеќе случаи на опасната Лајмска болест, која овие инсекти ја пренесуваат. Најновите податоци од многу центри за контрола и превенција на болести покажуваат дека секоја седма личност во светот во некој момент во животот ја имала Лајмската болест, што е речиси 15 отсто од популацијата.
Покрај луѓето кои многу време поминуваат во природа, како кампери и планинари, најподложни на каснување се децата и домашните миленици, бидејќи крлежите се присутни и во паркови и на сите зелени површини во градовите. Она што е опасно е фактот дека каснувањето од крлеж е можеби најтешко да се забележи, бидејќи не предизвикува чешање, болка или моментална иритација на кожата. Кога ќе се појават симптомите, ситуацијата веќе може да биде комплицирана, особено ако станува збор за крлеж кој пренесува Лајмска болест.
Најважна е превенцијата
Кога станува збор за заштита од крлежи, особено во сезоната на крлежи, најважно е тие воопшто да не дојдат во контакт со кожата. Кога подолго престојувате во природа, носете долги панталони и затворена облека и обувки, а пожелно е дури и ногавиците да ги ставите во чорапите ако не можете да избегнете висока трева. Корисни можат да бидат и репеленти против инсекти кои штитат неколку часа.
Брза реакција
Штом се вратите дома по престој во природа, внимателно прегледајте се себеси, децата и милениците. Крлежите обично се закачуваат на „топли“ и скриени места на телото – зад колената, под пазувите, на задниот дел од вратот или во препоните. Ако најдете крлеж на телото, најдобро е веднаш да посетите лекар кој ќе го извади на безбеден начин со соодветна алатка. Не се препорачува сами да ги вадите со ацетон или алкохол, бидејќи тоа може да направи повеќе штета отколку корист.
Ако во рок од 7 до 10 дена по ујадот почувствувате симптоми слични на грип, болки во мускулите или треска, задолжително посетете лекар – тоа може да биде знак за инфекција пренесена од крлеж. Лекарот може да ви препише орални или интравенозни антибиотици.